Доброто однесување донесува пофалба
ИТАЛИЈАНСКИОТ весник La Gazzetta del Mezzogiorno ги пофалил Јеховините сведоци заради публикувањето на статијата „Матера — град на единствените пештерски станови“. Оваа статија излезе во изданието на списанието Разбудете се! од 8 јули 1997 (срп.), што имаше голем тираж на многу јазици. Моментално Разбудете се! се преведува на 81 јазик и има тираж од над 19 милиони примероци ширум светот. Весникот коментирал дека, „кога станува збор за рекламните кампањи за да се унапредува историското и уметничкото наследство на градот [Матера]“, Разбудете се! го поставил летниот рекорд.
Весникот ги пофалил Сведоците во врска со Обласниот конгрес „Вера во Божјата Реч“, одржан во Матера 1997. Статијата забележала дека Сведоците успеале „да соберат 4.000 луѓе на [градскиот] XXI Сетембре стадион кон средината на летото и под жешкото сонце; тие презеле грижа за темелното чистење, префарбувањето и темелното подобрување на овој спортски центар (особено на тоалетите) потполно бесплатно, самите покривајќи го трошокот за купување на потребните материјали“.
Јеховините сведоци се стремат да бидат добри соседи (Матеј 22:37—39). Исто така, тие ја следат библиската опомена: „Имајќи помеѓу себе добри односи [добро однесување, NW] среде незнабошците, па тие . . . штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата“ (1. Петрово 2:12).