‚Висок како ливански кедар‘
НА ПРЕКРАСНАТА планина Ливан растат дрвја кои се познати како Arz Ar-rab што значи „Господови кедри“. Овие импозантни зимзелени кои некогаш ги прекривале планините, во Библијата се спомнати околу 70 пати — повеќе од кое и да е друго дрво.
За да ги опише величествените кедри на Ливан, Писмото ги користи зборовите „првокласен“ и „величествен“ (Песна над песните 5:15, NW; Језекиил 17:23). Големината и издржливоста на неговото дрво уште одамна го направиле популарен за изградба на куќи и бродови, како и за правење намештај. Неговата миризливост и топлата црвена боја се многу привлечни, а големата содржина на смола го прави отпорен на распаѓање и на наезда од инсекти. Дрвјата се впечатливо високи и масивни, достигнувајќи висина од 37 метри и обем од 12 метри. Имаат длабоки и јаки корења. Не е ни чудо што некои современи шумари го опишале како „врвна слава на растителниот свет“!
Библискиот писател Језекиил пророчки го споредил Месијата со гранче од кедар кој го засадува самиот Бог (Језекиил 17:22). Всушност, хебрејскиот збор за „кедар“ доаѓа од еден корен што значи „да се биде цврст“. На сличен начин, денешните следбеници на Месијата, Исус Христос, треба ‚цврсто да стојат во верата . . . да станат јаки‘, како еден висок, издржлив кедар (1. Коринтјаните 16:13, NW). Како може да се постигне тоа? Ако цврсто се спротивставуваме на нехристијанските влијанија и постојано истрајуваме во правецот на интегритет и побожна оддаденост. Оние кои прават така се опишани во Библијата како ‚праведни . . . [кои] растат со висина на ливански кедар‘ (Псалм 92:13, Dr. Ivan Šarić).