„Воспитај го момчето“
УСПЕШНОТО градинарство бара многу повеќе отколку само да го расфрлаш семето по земјата и да се вратиш по неколку месеци за берба. Има многу напорна работа околу подготвувањето на почвата, сеењето на семето, полевањето и одгледувањето на растенијата за да можат да созреат.
Овој процес би можел добро да ја илустрира вистинитоста на Изреки 22:6 каде се вели: „Поучи [воспитај, NW] го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“. Навистина, родителското воспитување е главен фактор за успешно подигање на децата.
Меѓутоа, во денешниов попустлив свет многу родители пропуштаат да внимаваат на овој совет. Кога ја следат вообичаената мудрост — а тоа е дека децата мораат сами да научат да се справуваат со проблемите — нивните деца честопати се препуштени самите да се бранат. Таквиот правец ги остава младите ранливи на штетното влијание од непринципиелните и бескрупулозни поединци (Изреки 13:21).
Колку само е подобро родителите да ги всадат христијанските начела во своите деца преку побожното воспитување уште од рана возраст! Колку рана? „Од периодот на доење“, вели апостол Павле. Тоа било случај со младиот човек Тимотеј. Неговата мајка Евника и баба му Лоида ги всадиле „светите списи“ во Тимотеј така што бил „научен“ и „убеден да верува“. Каков бил резултатот? Таквото поучување одиграло витална улога во тоа да стане „мудар за спасение“ (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15, NW).
На сличен начин денес, родителите кои ‚не се откажуваат да го прават она што е добро‘ ќе пожнеат богати награди ако ‚не се уморат‘ (Галатјаните 6:9, NW). Мудриот цар Соломон вели: „Таткото на праведникот сигурно ќе биде радосен“ (Изреки 23:24, NW).