Да се урамнотежат работата и слободното време
„СЛОБОДНОТО време е една убава облека, но не доволна за да биде постојана облека.“ Со овие зборови некој анонимен писател пригодно ја илустрира вредноста на слободното време. Меѓутоа, тој покажува дека тоа треба да се урамнотежи со продуктивна активност.
На ова обрнал внимание и инспирираниот библиски писател Соломон. Овој мудар цар идентификувал кои две крајности треба да се избегнуваат. Како прво, забележал: „Глупавиот седи со скрстени раце и го гризе своето сопствено тело“ (Проповедник 4:5). Да, тромоста може да доведе некого до сиромаштија. Како последица на тоа, може да биде загрозено здравјето, па дури и животот на мрзливиот. Од друга страна, пак, има и некои кои жртвуваат сѐ на олтарот на напорната работа. Нивното непрекинато мачење Соломон го опишал како „ништожност и стремење по ветар“ (Проповедник 4:4, NW).
Соломон со добра причина препорачал да се има рамнотежа: „Подобро една рака во мир, отколку две со труд и мака во духот [стремење по ветар, NW]“ (Проповедник 4:6). Човек треба „да ја насладува душата своја од својот труд“ — т. е. треба периодично да одвојува време за да ужива во она што го спечалил (Проповедник 2:24). И, освен световната работа, во животот треба да има и други работи. Нашето семејство заслужува дел од нашето време. Соломон нагласил дека првенствена обврска не е световната работа, туку службата на Бог (Проповедник 12:13). Дали ти си меѓу оние кои уживаат во едно урамнотежено гледиште за работата?