Толку голема потреба од утеха!
„И ете, солзите на онеправданите, а утешител немаат; силата е во рацете на клеветниците, а закрилник нема“ (ПРОПОВЕДНИК 4:1).
ДАЛИ бараш олеснување? Дали копнееш по искра утеха за да ги разбиеш мрачните облаци на очајот? Дали посакуваш барем трошка утеха за да го ублажиш животот нарушен со горки страдања и непријатни искуства?
Кога-тогаш, на сите нас многу ни се потребни утеха и охрабрување. Ова е така бидејќи во животот постојат толку многу работи кои донесуваат тага. Сите ние имаме потреба да бидеме заштитени, да ни се покаже наклоност и да бидеме прифатени. Некои од нас остареле и не се баш среќни поради тоа. Други се длабоко разочарани затоа што во животот не испаднало сѐ онака како што се надевале. Трети, пак, се потресени од некој резултат кој го добиле од клиничката лабораторија.
Освен тоа, малку луѓе би приговориле на тоа дека настаните во нашево време создале огромна потреба од утеха и надеж. Само во текот на минатиот век, повеќе од сто милиони луѓе умреле во војна.a Речиси сите тие оставиле зад себе ужалени семејства — мајки и татковци, сестри и браќа, вдовици и сирачиња — со очајна потреба од утеха. Денес, над една милијарда луѓе живеат во крајна сиромаштија. Половина милион од светското население нема редовен пристап до медицинско лечење и до неопходните лекови. Низ улиците на загадените метрополи талкаат милиони напуштени деца, од кои многу употребуваат дрога и се занимаваат со проституција. Милиони бегалци чмаат во ужасни кампови.
Меѓутоа, бројките — колку и да се убедливи — не кажуваат ништо за болката и тагата што поединците ја доживуваат во својот живот. Земи ја за пример Светлана, млада жена од Балканот која била родена во крајна сиромаштија.b „За да дојдам до пари“, вели таа, „родителите ме испратија да просам или да крадам. Семејниот живот ни се изопачи до таа мера што станав жртва на инцест. Најдов работа како келнерка, а мајка ми, која ги земаше парите што ги печалев, ми рече дека ако некогаш ја изгубам работата, ќе се самоубие. Сево ова ме доведе до живот на проституција. Имав само 13 години. Со текот на времето забременив и абортирав. На 15-годишна возраст изгледав како да имам 30 години.“
Лиманис, младич од Летонија, кажува за потребата од утеха и за мрачните спомени кои придонеле да стане меланхоличен. На 29-годишна возраст имал сообраќајна несреќа после која останал парализиран од половината надолу. Се чувствувал целосно безнадежен и се оддал на алкохол. После пет години бил потполно скршен — парализиран алкохоличар без никаква иднина. Од каде можел да црпи утеха?
Или, размисли за Енџи. На нејзиниот сопруг му биле извршени три операции на мозокот поради кои во почетокот останал делумно парализиран. Потоа, пет години откако му била направена последната операција, му се случила многу тешка несреќа од која можел да умре. Кога таа влегла во собата за итни случаи и го видела својот сопруг како лежи во кома по претрпената многу сериозна повреда на главата, знаела дека трагедијата е неизбежна. Животот за неа и за нејзиното семејство ќе биде многу тежок. Како можела да најде поддршка и охрабрување?
За Пет изгледало дека еден зимски ден пред неколку години ќе започне нормално. Меѓутоа, следните три дена ѝ биле избришани од сеќавањето. Подоцна, сопругот ѝ кажал дека откако почувствувала остри болки во градите, срцето престанало да ѝ работи. Почнало да чука многу брзо и неправилно, а потоа сосема престанало. Престанала да дише. „Всушност сум доживеала клиничка смрт“, вели Пет. Но, некако преживеав. За својот долг престој во болница таа вели: „Се уплашив од многуте испитувања, особено кога се обидоа да ми го подложат срцето на фибрилација, а потоа да престане — како што всушност и се случило“. Што можело да ѝ ги даде утехата и олеснувањето кои ѝ биле потребни во овој критичен период?
Џо и Ребека го загубиле својот 19-годишен син во сообраќајна несреќа. „Никогаш не сме биле во поочајна ситуација“, велат тие. „Иако, во минатото, сме жалеле заедно со други заради нивната загуба, лично ја немавме вистински почувствувано големата болка во срцето што ја чувствуваме сега.“ Што можело да ублажи една таква ‚голема болка во срцето‘ — огромната тага кога ќе загубиш некој кого многу го сакаш?
Сите овие поединци, и милиони други, навистина нашле еден ненадминлив извор на утеха и олеснување. За да видиш како и ти можеш да извлечеш корист од тој извор, те молиме, читај понатаму.
[Фусноти]
a Точниот број на воен персонал и цивили кои загинале не е познат. На пример, книгата Facts About the American Wars (Факти за американските војни) од 1998, само за II светска војна забележува: „Повеќето извори го наведуваат вкупниот број на оние кои загинале во II светска војна (војници и цивили) како 50 милиони, но многумина кои грижливо ја проучувале таа тема веруваат дека точниот број е уште повисок — двапати поголем од тој број“.
b Името е сменето.
[Извори на слики на страница 3]
ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ/ФОТОГРАФИЈА ОД Џ. К. ИСАК
ФОТОГРАФИЈА 146150 НА ОН ОД О. МОНСЕН