Умрел заради начело
„ВО СПОМЕН на Август Дикман (роден 1910), Јеховин сведок.“ Така почнува натписот на една плакета (прикажана овде) која неодамна беше откриена во поранешниот концентрационен логор Заксенхаузен. Зошто еден Јеховин сведок би заслужил таква плакета? Останатиот дел од натписот ја кажува приказната: „[Тој] беше јавно застрелан од СС на 15 септември 1939 поради приговор на совеста“.
Август Дикман бил интерниран во концентрациониот логор Заксенхаузен во 1937 година. Три дена по избувнувањето на II светска војна, во 1939, му било наредено да го потпише документот за воена регрутација. Кога одбил, командирот на логорот стапил во контакт со Хајнрих Химлер, главниот на СС (Schutzstaffel, Хитлеровата елитна гарда), и побарал дозвола да го погуби Дикман во присуство на сите други затвореници во логорот. На 17 септември 1939 The New York Times известил од Германија: „Август Дикман, 29-годишен . . . беше стрелан од еден стрелечки вод“. Весникот навел дека тој бил првиот Германец со приговор на совеста во таа војна.
После шеесет години, на 18 септември 1999, Бранденбуршката фондација за спомен на загинатите ја комеморирала смртта на Дикман, и сега спомен-плакетата ги потсетува посетителите на неговата храброст и силна вера. Една друга плакета на надворешниот ѕид на поранешниот логор ги потсетува посетителите дека Дикман бил само еден од 900-те Јеховини сведоци кои заради своите верувања настрадале во Заксенхаузен. Уште многу од нив настрадале во други логори. Да, дури и под ужасните услови во концентрационите логори многумина останале верни на побожните начела.
За Јеховините сведоци е христијанска должност да бидат ‚потчинети на претпоставените [државни] власти‘ (Римјаните 13:1). Меѓутоа, кога владите се обидуваат да ги присилат да ги прекршат Божјите закони, тие го следат примерот на Христовите апостоли кои рекле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:29). Заради тоа, во свет каде што племенските непријателства и етничката омраза воделе до шокантни ѕверства, Јеховините сведоци ширум светот, како Август Дикман, се стремат кон мир. Тие го следат библискиот поттик: „Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро“ (Римјаните 12:21).