„Ќе го заобиколувам жртвеникот Твој, Господи“
„ЌЕ ГИ мијам рацете свои во невиноста и ќе го заобиколувам жртвеникот Твој, Господи“ (Псалм 25:6). Со овие зборови цар Давид од старо време ја искажал својата оддаденост на Јехова. Но, зошто требало да ‚го заобиколува‘ Јеховиниот жртвеник, и во која смисла?
За Давид, центарот на Јеховиното обожавање бил шаторот со жртвеникот обложен со бакар. За време на неговото владеење шаторот бил сместен во Гаваон, северно од Ерусалим (3. Царства 3:4). Жртвеникот имал површина од само 2,2 метра квадратни, многу помал од величествениот жртвеник кој требало да биде подигнат во дворот на Соломоновиот храм.a Сепак, Давид наоѓал големо задоволство во шаторот со неговиот жртвеник кој бил центар на чистото обожавање во Израел (Псалм 25:8).
На жртвеникот се принесувале палени приноси, помирителни жртви и приноси за грев, а годишниот Ден на искупување вклучувал и жртви кои се принесувале во името на нацијата. Жртвеникот и неговите жртви имаат значење за христијаните денес. Апостол Павле објаснил дека жртвеникот ја претставува Божјата волја, според која Тој прифатил една соодветна жртва за искупување на човештвото. Павле рекол: „Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш“ (Евреите 10:5—10).
Пред да служат кај жртвеникот, свештениците по обичај си ги миеле рацете со вода за да се очистат. Значи, соодветно е тоа што цар Давид си ги измил рацете ‚во невиност‘ пред да го ‚заобиколи жртвеникот‘. Тој постапувал „со чисто срце и со правина“ (3. Царства 9:4). Ако не си ги измиел рацете на ваков начин, неговото обожавање — неговото ‚заобиколување на жртвеникот‘ — немало да биде прифатливо. Секако, Давид не бил Левит и немал предност да извршува свештеничка служба покрај жртвеникот. Иако бил цар, нему не му било дозволено да влезе дури ни во дворот на шаторот. Сепак, како верен Израелец, тој бил послушен на Мозаитскиот закон и редовно ги принесувал своите приноси на жртвеникот. Го заобиколувал олтарот во таа смисла што својот живот го сосредоточил на чистото обожавање.
Можеме ли ние денес да го следиме примерот на Давид? Да. И ние можеме да си ги миеме рацете во невиност и да го заобиколуваме Божјиот жртвеник ако практикуваме вера во Исусовата жртва и ‚со невини раце и чисто срце‘, од сѐ срце му служиме на Јехова (Псалм 23:4).
[Фуснота]
a Тој жртвеник имал површина од околу 9 метри квадратни.
[Слика на страница 23]
Жртвеникот ја претставувал Јеховината волја, со која тој прифаќа една соодветна жртва за откупување на човештвото