Објавителите на Царството известуваат
Запознавање на Богот кој е полн со љубов
НА ВОЗРАСТ од 16 години, еден Бразилец по име Антонју веќе бил разочаран од животот. Чувствата на бескорисност го довеле до злоупотреба на дрога и до алкохолизам. Честопати размислувал да изврши самоубиство. Во тие моменти си спомнувал на она што му го имала кажано мајка му: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Но, каде бил овој Бог полн со љубов?
Во обид да се откаже од таквата злоупотреба, Антонју побарал помош од локалниот парохиски свештеник. Иако Антонју станал многу активен во католичката црква, сепак имал многу прашања. На пример, го збунувале Исусовите зборови: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Каква слобода ветил Исус? Црквата не можела да даде задоволителни одговори на неговите прашања. На крај, Антонју се оддалечил и се вратил на старите навики. Всушност, станал уште потежок зависник.
Отприлика во тоа време Марија, сопругата на Антонју, почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Иако не ѝ се противел на студијата, Антонју ги отпишал Сведоците како „американска религија која служела за интересите на американскиот империјализам“.
Не дозволувајќи да биде одвратена, Марија оставала низ куќата примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! кои содржеле статии за кои мислела дека би можеле да го интересираат Антонју. Бидејќи тој уживал во читањето, повремено ги прелистувал списанијата кога жена му не била дома. За првпат во својот живот нашол одговори на своите библиски прашања. „Почнав да ја забележувам љубовта и љубезноста која ми ја покажуваа мојата сопруга и Сведоците“, се сеќава тој.
Кон средината на 1992 Антонју одлучил и тој да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Меѓутоа, продолжил да злоупотребува дрога и многу да пие. Доцна една ноќ, додека со својот пријател се враќал дома од некое гето, ги запрела полиција. Кога полицајците нашле кокаин кај Антонју, почнале да го тепаат. Еден полицаец го фрлил во калта и му ја доближил цевката од сачмарката до лицето. „Докусури го!“, викале другите полицајци.
Додека Антонју лежел во калта, низ мислите му поминал целиот негов живот. Единствените добри работи на кои можел да се сети биле неговото семејство и Јехова. Кратко се помолил, преколнувајќи го Јехова за помош. Без никаква видлива причина, полицајците го оставиле. Отишол дома, уверен дека Јехова го заштитил.
Почнал да ја проучува Библијата со обновена енергија. Малку по малку, правел промени за да му угоди на Јехова (Ефесјаните 4:22—24). Негувајќи самосовладување, почнал да се справува со своите проблеми со дрогата. Но и покрај тоа, му била потребна медицинска помош. Во текот на двата месеца кои ги минал на клиниката за рехабилитација имал прилика да прочита неколку библиски публикации, вклучувајќи ја и книгата Спознание кое води до вечен живот. Потоа Антонју го споделил она што го научил од овие книги со другите пациенти.
Откако ја напуштил клиниката, Антонју продолжил да ја проучува Библијата со Сведоците. Денес Антонју, Марија, нивните две ќерки и мајка му на Антонју му служат на Јехова заедно како среќно и обединето семејство. Антонју вели: „Сега го разбирам вистинското значење на зборовите ‚Бог е љубов‘“.
[Слика на страница 8]
Проповедање во Рио де Жанеиро