Поука од морнарот
АКО некој плови сам на отворено море може да се исцрпи. Затапувачкиот ефект на заморот може лесно да го турне морнарот во една таква опасна состојба, што ќе направи грешки и ќе донесе погрешни одлуки. Од таа причина, тој ја цени вредноста на морската котва. Таа му овозможува на уморниот морнар да се одмори и да закрепне без опасно да отплови. Истовремено, морската котва го насочува клунот во правец на ветрот и брановите, и го одржува чамецот во најстабилна положба.
Исто како што морнарите се соочуваат со голем број опасности на море така и христијаните се соочуваат со постојани притисоци од овој свет и чувствуваат потреба од одмор. Всушност, еднаш Исус им препорачал на своите ученици: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку“ (Марко 6:31). Денес, некои одвојуваат неколку седмици за патување или одат со своето семејство некаде на викенд за да се опуштат. Овие моменти можат да бидат освежувачки и окрепувачки. Но, како можеме да се погрижиме во таквите прилики да бидеме духовно безбедни? Што може да ни послужи како духовна морска котва која ќе ни помогне да се спротивставиме на отпловувањето и да задржиме стабилност?
Јехова на великодушен начин ни ставил на располагање една подготовка. Тоа не е ништо друго туку Светата реч, Библијата. Читајќи ја секојдневно, можеме да останеме близу до Јехова и никогаш да не отпловиме од него. Нејзиниот совет може да нѐ стабилизира и да ни овозможи да одолееме на искушенијата од Сатана и од неговиот свет. Ако се држиме за програма на редовно читање на Библијата, дури и кога сме излезени од нашата рутина, тоа ќе нѐ закотви во духовен поглед (Исус Навин 1:7, 8; Колосјаните 2:7, NW).
Псалмистот нѐ потсетува дека „блажен [среќен, NW] е оној човек“ на кого „му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува“ (Псалм 1:1, 2). Секојдневното читање на Божјата реч ќе ни ја донесе ‚среќата‘ која има за резултат вистинско освежување и обновена сила а тоа, пак, ќе нѐ подготви да продолжиме на нашиот христијански пат.