Светски мир — на кој начин?
ДАЛИ на повидок е светски мир? Многумина некогаш мислеле така, но сега се скептични. Според еден извештај во кој се дискутира за предизвиците на нашата иднина, објавен во јужноафриканскиот Daily Mail & Guardian, „предвидувањата за еден нов меѓународен поредок дадени пред само 10 години сега изгледаат безнадежно оптимистични“.
Авторите размислуваат за духот полн со надеж кој преовладуваше пред само една деценија. Студената војна беше штотуку завршена, и веќе немаше борба меѓу суперсилите. Во она што изгледаше како самнување на нова ера, многумина очекуваа дека човештвото ќе почне да постигнува значаен напредок во справувањето со спорните прашањата на сиромаштијата, болестите и животната средина. „Тие прогнози сега изгледаат безнадежно утописки“, вели извештајот. „Избија нови конфликти на подрачја за кои не ни бевме свесни; светската сиромаштија и понатаму расте. Постојат две нови нуклеарни сили. Репутацијата на ОН е многу ослабната поради нивната неадекватна реакција на низата хуманитарни кризи. Расположението се менува од утопија кон дистопија“.
Оние кои ја проучуваат Библијата увидуваат дека човековите напори, сеедно колку се благородни, никогаш нема во потполност да успеат. Зошто? Бидејќи, како што наведува Библијата, „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Додека се наоѓа под контрола на Сатана, светот не може да биде доведен до рајските околности за кои Бог го создал.
Истовремено, постои основа за оптимизам. Јехова Бог ветува дека ќе донесе светски мир, не со тоа што ќе го закрпи овој систем на работи туку така што ќе направи „нова земја“ во која „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Да, преку Божјето Царство, нашата Земјина топка ќе биде преобразена во мирољубив, среќен дом, каде што животот и работата постојано ќе му причинуваат радост на целото послушно човештво. Освен тоа, Бог ветува дека ќе ја „избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“. Овие ветувања не се темелат на некои разнишани човечки предвидувања. Напротив, тие се темелат на непогрешливата Реч на Творецот, кој не може да лаже (Откровение 21:4; Тит 1:2).