„Со Твојата светлина ние ја гледаме светлината“
СВЕТЛИНАТА е нешто што честопати го земаме како само по себе разбирливо сѐ додека не снема струја и нашето соседство не потоне во темнина. За среќа, нашата небесна „електрична централа“ — Сонцето — е потполно доверлива. И благодарение на светлината од Сонцето, можеме да гледаме, да јадеме, да дишиме и да живееме.
Со оглед на тоа што светлината е неопходна за животот, не треба да се изненадиме што во Битие читаме дека светлината се појавила во првиот ден на создавањето. „И Бог рече: ‚Нека биде светлина!‘ И бидна светлина“ (Битие 1:3). Побожните луѓе, како цар Давид, секогаш го признавале Јехова како извор на животот и на светлината. „Во Тебе е изворот на животот“, напишал Давид. „Со Твојата светлина ние ја гледаме светлината“ (Псалм 36:9).
Зборовите на Давид важат и буквално и фигуративно. Encyclopædia Britannica истакнува: „Секако, светлината е одговорна за способноста на сетилото за вид“. Потоа додава: „Во човечкиот мозок повеќе информации стигнуваат преку очите отколку преку кој и да е друг сетилен орган“. Со оглед на тоа што голем дел од она што го учиме зависи од дарот на вид — на кој му треба светлина за да функционира исправно — светлината се користи во Писмото и на фигуративен начин.
Така, Исус им рекол на своите ученици: „Јас сум светлината на светот. Кој ме следи мене, никако нема да оди во темнина, туку ќе ја поседува светлината на животот“ (Јован 8:12). Фигуративната светлина на која укажувал Исус била пораката на вистината што тој ја проповедал, која можела да ги осветли умовите и срцата на неговите слушатели. По години поминати во духовна темнина, Исусовите ученици на крајот можеле да ја разберат Божјата намера за човештвото и надежта за Царството. Ова навистина било „светлината на животот“, со оглед на тоа што тоа спознание можело да води до вечен живот. „Ова значи вечен живот“, му рекол Исус во молитва на својот небесен Татко, „да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да не ја земаме никогаш оваа духовна светлина како нешто само по себе разбирливо!