Родители — задоволете ги потребите на своите деца!
НА ДЕЦАТА им се потребни водство и дисциплина полна со љубов, особено од родителите. Во тој поглед, Тања Загури, педагог од Бразил, вели: „Секое дете има склоност да се стреми по задоволство. Потребно е да се утврдат граници. Родителите се тие што мора да го сторат тоа. Ако не го сторат, децата излегуваат од контрола“.
Меѓутоа, во многу земји влијанието на попустливото општество, кое ја возвишува личната слобода, го отежнува следењето на горниов совет. Тогаш, каде можат да се обратат родителите за помош? Богобојазливите родители признаваат дека нивните деца се „дар од Господа“ (Псалм 127:3). Затоа се потпираат на Божјата реч, Библијата, за водство да ги воспитуваат. На пример, во Пословици 13:24 се вели: „Кој ја штеди прачката, го мрази својот син, а кој го љуби, го казнува на време“.
Не треба да се сфати дека користењето на зборот ‚прачка‘ во Библијата значи само физичко казнување; таа го претставува средството за исправање, сеедно каков облик може да има. Навистина, многу често зборовите можат да бидат сѐ што е потребно за да се исправи своеглавиот правец на едно дете. Во Пословици 29:17 се вели: „Изобличи го својот син, и ќе те успокои и ќе ѝ даде радост на твојата душа“.
На децата им е потребна дисциплина полна со љубов за да ги отстранат непожелните особини. Таквото цврсто и љубезно исправање дава доказ дека родителот се грижи за детето (Пословици 22:6). Затоа родители, охрабрете се! Следејќи ги здравите, практични совети од Библијата, ќе му угодите на Јехова Бог и ќе ја стекнете почитта на своите деца.