Објавителите на Царството известуваат
Современите маченици даваат сведоштво во Шведска
ГРЧКИОТ збор за „сведок“ е мартир, од каде што доаѓа македонскиот збор „маченик“, што значи „оној што дава сведоштво со својата смрт“. Многу христијани од првиот век дале сведоштво за Јехова така што умреле за својата вера.
На сличен начин, во 20 век, илјадници Сведоци умреле од рацете на Хитлеровите поборници заради тоа што ја задржале својата неутралност во политичките и националните спорни прашања. Овие современи маченици даваат и силно сведоштво. Тоа неодамна се случи во Шведска.
Во врска со 50-годишнината од завршувањето на II светска војна, шведската влада покрена една национална образовна кампања во врска со холокаустот. Проектот беше наречен Жива историја. Јеховините сведоци беа поканети да земат учество и да ги споделат своите искуства.
Сведоците се одѕваа на тој начин што подготвија изложба со наслов Заборавените жртви на холокаустот. Таа започна во Собирната сала на Јеховините сведоци во Стренњес. Беа присутни преживеани Сведоци од холокаустот со цел да ги споделат своите искуства со повеќе од 8.400 посетители, кои дојдоа првиот ден! До крајот на 1999, изложбата беше поставена во над 100 музеи и јавни библиотеки низ Шведска, а ја видоа околу 150.000 луѓе. Меѓу посетителите се наоѓаа некои владини службеници, кои дадоа поволни коментари за она што го видоа.
Ниеден друг настан во врска со активностите на Јеховините сведоци во Шведска не добил толку широка јавна репортажа и поволен публицитет. Многу посетители прашаа: „Зошто уште порано не сте ни ги кажале вашите искуства од холокаустот?“
По изложбата што беше прикажана на неговото подрачје, едно собрание извести 30-процентен пораст во бројот на домашни библиски студии! Еден Сведок поканил некој колега да ја види изложбата. Колегата радо ја прифатил поканата и повел со себе некоја своја пријателка. Потоа, пријателката рекла дека ѝ било тешко да разбере како луѓето би можеле да имаат толку цврста вера што порадо би биле погубени отколку да потпишат документ со кој се откажуваат од својата вера. Ова водело до понатамошни дискусии, и со неа била започната библиска студија.
Како и своите истомисленици од првиот век, овие верни маченици од 20 век дале смело сведоштво дека Јехова е единствениот вистински Бог, кој е достоен за нашата непоколеблива вера и лојалност (Откровение 4:11).
[Извор на слика на страница 13]
Затвореник во логор: Państwowe Muzeum Oświecim-Brzezinka, со љубезна дозвола на USHMM Photo Archives