‚Се продлабочи нашата љубов‘
ВО ПЕТОК, на 31 март 2000, дојде до ерупција на планината Усу на Хокаидо, откако таа беше неактивна 23 години. Илјадници жители беа принудени да побегнат од опасната зона. Многумина ги изгубија своите домови и работни места, но за среќа, ниеден од нив не го изгуби својот живот. Меѓу луѓето што мораа да побегнат беа 46 Сведоци на Јехова, но тие не беа препуштени сами на себе.
Токму на денот кога дојде до ерупција, со помош на еден патувачки христијански министер, кој служеше во тоа подрачје, беа направени подготовки за да се даде помош. Наскоро почна да пристигнува хуманитарна помош од соседните собранија. Под надзор на јапонската подружница, брзо беше формиран одбор за помош, а во фондот за помош се слеваа донации од Јеховините сведоци од цела Јапонија. За да се поддржат духовните активности, во најпогоденото собрание беа испратени полновремени министри на Јеховините сведоци, а покраинскиот надгледник често го посетуваше подрачјето за да даде емоционална и духовна поддршка.
Сведоците во погоденото подрачје продолжија да ги одржуваат своите христијански состаноци во текот на тој тежок период така што користеа приватни домови во едно посигурно подрачје. Кога беше укината наредбата за евакуација од подрачјето каде што беше сместена Салата на Царството, браќата се вратија и најдоа еден искривен, напукнат и оштетен објект. Недалеку од Салата на Царството, сѐ уште излегуваше густ чад од еден штотуку формиран кратер. Сведоците се прашуваа: ‚Дали е мудро да продолжиме да ги одржуваме состаноците на ова место? Може ли да се поправи Салата на Царството?‘
Беше донесена одлука да се изгради нова Сала на Царството на една посигурна локација во близина. Регионалниот одбор за градба ја даде потребната помош. За изградбата беа користени пари донирани од Сведоците низ целата држава. Брзо беше набавено земјиште, и благодарение на помошта од стотици доброволци, за кратко време беше завршена нова Сала на Царството. Во недела, на 23 јули 2000, на првиот состанок што се одржа во оваа новоизградена Сала на Царството беа присутни 75 лица. Многумина од присутните лееја солзи радосници. На свеченото отворање на Салата на Царството, кое се одржа истата година, еден од старешините во локалното собрание беше поттикнат да рече: „Ерупцијата предизвика тешкотии и страдања. Сепак, оваа градба го претвори нашиот страв во радост. Се продлабочи нашата љубов кон Јехова и кон нашите драги христијански браќа!“
[Извор на слика на страница 19]
Ерупција на планината Усу: AP Photo/Koji Sasahara