Дали го пресметуваш трошокот?
ИСУС ХРИСТОС им дал на своите ученици надеж за вечен живот, но и ги поттикнал да го пресметаат трошокот на тоа да се биде христијанин. Поентата ја илустрирал со прашањето: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има доволно за да ја доврши?“ (Лука 14:28). На каков трошок мислел Исус?
Сите христијани наидуваат на испити — од кои некои се сериозни (Псалм 34:19; Матеј 10:36). Затоа, треба да сме умствено и духовно подготвени за да не бидеме изненадени кога ќе наидеме на противење или на некои други проблеми. Веќе сме морале да ги пресметаме тие предизвици во цената да се биде ученик на Христос, знаејќи дека наградата — спасение од гревот и смртта — е далеку повредна од сѐ што може да ни понуди сегашниов систем. Да, ништо што Бог дозволува — па дури ни смртта — не може да ни нанесе трајна штета ако продолжиме да му служиме (2. Коринќаните 4:16—18; Филипјаните 3:8).
Како може нашата вера да стане толку јака? Верата ни станува појака секојпат кога донесуваме исправна одлука, кога заземаме цврст став за христијанските начела или кога правиме нешто во согласност со Божјата волја — особено кога сме под притисок да постапиме поинаку. Кога лично го доживуваме Јеховиниот благослов, како резултат на нашиот верен начин на живот, верата ни се зајакнува и продлабочува. На тој начин го следиме примерот на Исус, на неговите први ученици и на сите мажи и жени од вера, кои низ вековите исправно ‚го пресметале трошокот‘ на служењето на Бог (Марко 1:16—20; Евреите 11:4, 7, 17, 24, 25, 32—38).