Искреност — пожелна, но дали е доволна?
ДАЛИ искреноста е навистина пожелна во нашиот секојдневен живот? Еден речник ја дефинира „искреноста“ како „да се биде без преправање или лицемерство; чесност; отвореност; вистинитост“. Очигледно, оваа особина е корисна за унапредување на добри односи со другите. Апостол Павле поттикнал: „Бидете им послушни во сѐ на оние кои ви се господари во телесна смисла, не со постапки на служење на очи, како такви кои им угодуваат на луѓето, туку со искреност на срцето, со страв од Јехова“ (Колошаните 3:22). Кој не би уживал една таква искрена личност да работи за него? Денес, искрените луѓе може да имаат поголеми шанси да најдат работа и да ја задржат.
Меѓутоа, она што ја прави искреноста најпожелна е начинот на кој таа влијае врз нашиот однос со Бог. Древните Израелци уживале благослов од Бог кога внимателно ги држеле законите и празниците. Кога дискутирал за чистотата во собранието, Павле ги поттикнал христијаните: „Да го држиме празникот, не со стар квасец, ниту со квасец на злоба и расипаност, туку со бесквасни лебови на искреност и вистина“ (1. Коринќаните 5:8). За да му биде нашето обожавање прифатливо на Бог, искреноста не само што е пожелна туку е и неопходна. Сепак, забележи дека искреноста сама по себе не е доволна. Таа мора да биде надополнета со вистина.
Градителите и патниците на Титаник можеби искрено верувале дека тој прекуокеански брод не може да потоне. Меѓутоа, на својата прва пловидба во 1912, удрил во една санта мраз и 1.517 луѓе го изгубиле животот. Одредени Евреи од првиот век можеби искрено верувале во начинот на кој го обожавале Бог, но нивната ревност не била „според точното спознание“ (Римјаните 10:2). За да му бидеме прифатливи на Бог, нашите искрени верувања мораат да се темелат на точни информации. Јеховините сведоци во твојата заедница ќе бидат среќни да ти помогнат да испиташ што е вклучено во тоа да му се служи на Бог со искреност и вистина.