Дали навистина ни требаат другите?
„КОГА го испитуваме својот живот и своите стремежи, набрзо увидуваме дека речиси сите наши постапки и желби се поврзани со постоењето на другите човечки суштества“, забележал познатиот научник Алберт Ајнштајн. Тој додал: „Јадеме храна што други ја произвеле, носиме облека што други ја направиле, живееме во куќи што други ги изградиле . . . Поединецот е она што е и го има значењето што го има не толку поради својата личност туку повеќе како член на едно големо човечко општество, кое управува со неговото материјално и духовно постоење од лулка до гроб“.
Во животинскиот свет, вообичаено е да се забележи инстинктивно заедништво. Слоновите се движат во стада, внимателно пазејќи ги своите млади. Лавиците ловат заедно и ја делат храната со мажјаците. Делфините си играат заедно и дури и заштитуваат други животни и пливачи што се во неволја.
Меѓутоа, кај луѓето социолозите забележале тенденција што доведува до сѐ поголема загриженост. Според еден весник издаден во Мексико, некои социолози сметаат дека „децениите на лична изолација и нагризување на општествениот живот имале штетни последици врз американското општество“. Весникот навел дека „доброто на нацијата зависи од големи социјални промени, што вклучуваат враќање кон општествениот живот“.
Овој проблем е особено раширен меѓу оние што живеат во развиените земји. Кај многумина постои сѐ поголема тенденција да се изолираат. Луѓето сакаат ‚да си живеат свој живот‘ и силно се спротивставуваат другите ‚да им се мешаат во приватноста‘. Било изразено мислење дека овој став довел до тоа човечкото општество да биде посклоно на емоционални проблеми, депресија и самоубиство.
Во врска со ова, д-р Даниел Голман изјавил: „Социјалната изолација — идејата дека човек нема никој со кого ќе ги сподели своите чувства или ќе одржува блиски контакти — двојно ја зголемува можноста од болест или смрт“. Еден извештај што бил објавен во списанието Science заклучил дека социјалната изолација ‚исто толку придонесува за смртноста колку и пушењето, високиот крвен притисок, покачениот холестерол, згоеноста и недостигот од физички вежби‘.
Според тоа, од различни причини, другите навистина ни требаат. Не можеме да опстанеме сами. Па, како може да се реши проблемот со изолацијата? Што им дало значење во животот на многумина? Следната статија ќе одговори на овие прашања.
[Истакната мисла на страница 3]
„Речиси сите наши постапки и желби се поврзани со постоењето на другите човечки суштества“ (Алберт Ајнштајн).