Какво име си стекнуваш?
СИ ЧИТАЛ ли некогаш некролози во весник, или некој подолг извештај за животот и постигнувањата на некој починат? Си се запрашал ли: ‚Што би рекле луѓето за мене?‘ Колкумина воопшто размислуваат за тоа по што ќе бидат запаметени откако ќе умрат? Затоа, се наметнуваат овие искрени прашања: „Да си умрел вчера, што би зборувале за тебе луѓето денес? Каков глас си стекнуваш? По што би сакал да те запаметат оние што те познаваат и Бог?“
Мудриот писател на библиската книга Проповедник рекол: „Подобро е доброто име отколку скапоценото масло, и смртниот ден отколку денот на раѓањето“ (Проповедник 7:1). Зошто смртниот ден би бил подобар отколку денот на раѓањето? Зашто, кога човек се раѓа, нема стекнато никаков глас. Неговото лично досие е потполно чисто. Според тоа како го живее својот живот, ќе стекне или добар или лош глас. Во тој поглед, за оние што со текот на годините си стекнале добар глас, смртниот ден е навистина подобар отколку денот на раѓањето.
Значи имаме избор. Всушност, секојдневно имаме многу избори што на смртниот ден ќе одредат каков глас сме си стекнале, а особено по што ќе бидеме запаметени од Бог. Затоа, истиот тој мудар Евреин напишал: „Благословен е праведниковиот спомен, а името на нечесниот ќе изгине“ (Пословици 10:7). Каква привилегија — Бог да нѐ запамети за благослови!
Ако сме мудри, нашата цел ќе биде да му угодиме на Бог со тоа што ќе живееме во склад со неговите мерила. Тоа значи да ги следиме основните начела што ги кажал Христос: „,Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум‘. Тоа е најголема и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Љуби го својот ближен како себеси‘. На овие две заповеди висат целиот Закон и Пророците“ (Матеј 22:37—40).
Некои се запаметени како филантропи, добротворци, застапници за граѓански права или по нивните достигнувања во бизнисот, науката, медицината или во други активности. Меѓутоа, по што би сакал да бидеш запаметен ти?
Шкотскиот поет Роберт Бурнс (1759—1796) изразил желба некоја сила да ни даде дарба да се видиме себе онака како што нѐ гледаат другите. Можеш ли објективно да се погледнеш и да кажеш дека си на добар глас кај другите луѓе и кај Бог? На крајот на краиштата, нашите односи со другите во секој случај се поважни од кои и да било краткорочни достигнувања што можеби ги имаме во светот на спортот или бизнисот. Според тоа, прашањето е: „Како влијае на другите начинот на кој ние постапуваме со луѓето — нашите разговори, однесување и говор на телото? Дали нѐ сметаат за пристапливи или за непристапливи? За љубезни или за груби? Флексибилни или строги? Срдечни и човечни или ладни и далечни? Како критизер што обесхрабрува или советник што охрабрува? Да испитаме некои примери од минатото и сегашноста за да видиме што можеме да научиме.
[Слика на страница 3]
Роберт Бурнс имал желба некоја сила да ни даде дарба да се видиме себе онака како што нѐ гледаат другите.
[Извор на слика]
Од книгата A History of England (Историја на Англија)