Дали негуваш чувство на восхит?
СИ ЗАБЕЛЕЖАЛ ли дека библиските писатели постојано поттикнуваат на чувство на восхит кога зборуваат за делата или за особините на Бог? ‚Чудесно сум создаден‘, изјавил псалмистот (Псалм 139:14). „Господи“, напишал пророкот Исаија, „Ти си мој Бог, Те величам, го славам Твоето Име, зашто спроведе чудесен наум“ (Исаија 25:1). Или размисли за восхитот и страхопочитта што се изразени во зборовите на апостол Павле: „О длабочино на Божјето богатство и мудрост и спознание!“ (Римјаните 11:33).
Еден речник го дефинира зборот „восхит“ како чувство предизвикано од нешто неочекувано, непознато или необјасниво, особено изненадување помешано со воодушевеност, љубопитност и итн. (The Oxford Encyclopedic English Dictionary).
Зарем не ни причинува радост кога гледаме како малите деца покажуваат восхит со ширум отворени очи кога ќе видат, допрат или чујат работи што им се нови? За жал, таквиот восхит што се темели на љубопитност или на некој новитет честопати се намалува како што минуваат годините.
Меѓутоа, библиските писатели што беа цитирани пред малку, имале чувство на страхопочит длабоко во себе. Тоа било трајно чувство. Зошто? Тие го негувале своето чувство на восхит така што со благодарност медитирале за делата на Бог. Псалмистот се молел: „Си спомнувам за минатите дни, размислувам за сите Твои дела; размислувам за делата [чудесата, The New English Bible] на Твоите раце“ (Псалм 143:5).
Колку е пофално тоа што ова чувство на восхит може да се види меѓу денешните обожаватели на Бог! Дали и ти имаш такво чувство? Дали го негуваш?