Вообразеност
ВООБРАЗЕНОСТА е горделивост полна со презир, надуеност, ароганција, и е спротивна на понизноста. Основното значење на грчките и хебрејските зборови преведени со „вообразен“ и „вообразеност“ е некој да си изгледа „голем“, „возвишен“, „супериорен“, „важен“ во сопствени очи. Оној што е вообразен е, според своја лична проценка, супериорен, над другите луѓе. Како резултат на тоа, таквиот човек обично бара повеќе од должната чест и внимание и се однесува со другите без почит и дрско.
Вообразеноста е лоша особина или карактеристика која е подлабока од нешто што доаѓа само од умот. Исус Христос ја навел заедно со убиство, кражба, хулење и други престапи и рекол дека таквите работи доаѓаат „однатре, од човечкото срце“ (Марко 7:21, 22). Мајката на Исус, Марија, за Јехова рекла: „Ги распрсна оние кои се надуени во намерата на своето срце“ (Лука 1:51). Давид му се обратил на Јехова, велејќи: „Моето срце не се гордее“ (Псалм 131:1; Исаија 9:9; Даниел 5:20).
Дури и човек чиешто срце е понизно во службата за Бог може да се вообрази затоа што стекнал богатство или моќ, поради неговата убавина, успех, мудрост или затоа што другите го фалат. Таков човек бил јудејскиот цар Озиј. Тој владеел добро и Јехова го благословувал долги години (2. Летописи 26:3—5). Но, библискиот извештај вели: „Но, кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник“ (2. Летописи 26:16). Озиј толку се воздигнал што извршувал свештенички должности, привилегија што Бог конкретно им ја ускратил на царевите на Израел, со што ги одделил должностите на царот од должностите на свештенството.
Во еден период, добриот цар Езекија, на кратко, се вообразил во срцето, а неговата вообразеност очигледно ги зафатила и луѓето со кои владеел. Тој бил возвишен во своето владеење како резултат на благословот од Јехова, но пропуштил да сфати и да признае дека сета заслуга за тоа му припаѓа на Бог. За него летописецот напишал: „Но Езекија не му се оддолжи за добротворството што му беше искажано, туку се возгордеа; затоа гневот дојде врз него, врз Јуда и врз сиот Ерусалим“. За среќа, се повратил од овој штетен став. Извештајот продолжува: „Но Езекија се понижи затоа што му се беше возгордеало срцето, и тој и Ерусалимците, па така Господовата расрденост не дојде врз нив за време на Езекиевиот живот“ (2. Летописи 32:25, 26; спореди Исаија 3:16—24; Езекиел 28:2, 5, 17).
Вообразените не само што им се одбивни на чесните луѓе туку, што е уште посериозно, наидуваат и на противење од Јехова Бог (Јаков 4:6; 1. Петрово 5:5). Вообразеноста е лудост и грев, а Јехова е одлучен да ги понижи вообразените (Пословици 14:3; 21:4; 2. Самоил 22:28; Јов 10:16; 40:11; Псалм 18:27; 31:18, 23; Исаија 2:11, 17). Ако некој не престане со вообразеноста, таа неодложно ќе му донесе уништување. Древната нација Моав, која самата се издигнала против Бог и против неговиот народ, била потполно уништена (Исаија 16:6; 25:10, 11; Еремија 48:29). Дури и десетплеменското царство Израел не било поштедено кога станало вообразено и дрско во срцето (Исаија 9:8—12).
Затоа мораме внимателно да пазиме да не се вообразиме во срцето. Особено треба да внимаваме кога ќе постигнеме некој успех во нешто или кога ни е дадена повисока или поодговорна положба. Треба да бидеме свесни дека „гордоста врви пред гибелта, и високоумноста [вообразеноста, NW] пред паѓањето“ (Пословици 16:18). Ако дозволиме вообразеноста да расте, таа може да почне да нѐ контролира до тој степен што Јехова ќе нѐ стави во ист кош со оние што Тој ги предава на неодобрена умствена состојба и кои заслужуваат смрт (Римјаните 1:28, 30, 32). Ваква претпазливост е особено потребна во „последните денови“ кога, како што предупредил апостолот, вообразеноста ќе биде едно од карактеристичните обележја на тие критични времиња (2. Тимотеј 3:1, 2).
Освен тоа, оној што сака да има наклоност од Бог треба да избегнува ласкање, кое служи за да се развие вообразеност кај другите. Пословицата вели: „Човек кој му ласка на својот ближен, им простира мрежа на неговите стапки“ (Пословици 29:5). Не само што ласкавецот го упропастува својот пријател, или како што се вели во Пословици 26:28: „ласкавата уста приготвува пропаст“, туку добива и неодобрување од Бог. Апостол Павле внимавал да избегнува и ласкање и вообразеност (1. Солуњаните 2:5, 6).