„Тие не направиле компромис“
„СРЕЌНИ сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас“, им рекол Исус Христос на своите ученици (Матеј 5:11). Јеховините сведоци денес се среќни затоа што, во склад со учењето и примерот на Христос, во сите околности и понатаму „не се дел од светот“, остануваат строго политички неутрални и лојални кон Бог (Јован 17:14; Матеј 4:8-10).
Во врска со бескомпромисниот став што го зазеле Јеховините сведоци во поранешниот Советски Сојуз, вклучувајќи ги и оние во Естонија, лутеранскиот теолог и преведувач на Библијата Томас Паул, во својата книга Kirik keset küla (Црквата во центарот на селото) пишува: „Малкумина знаат што се случило во раните утрински часови на 1 април, 1951 година. Била испланирана акција за да се протераат Јеховините сведоци и сите што соработувале со нив — вкупно 279 лица, биле уапсени и протерани во Сибир . . . Им била дадена можност да потпишат еден документ, со кој се откажуваат од својата вера за да не бидат затворени и протерани . . . Заедно со оние што претходно биле уапсени, биле протерани 353 лица, вклучувајќи и најмалку 171 лице кои само оделе на состаноците. Тие не направиле компромис — дури ни во Сибир . . . Само малкумина членови на Естонската лутеранска црква имале вера каква што имале Јеховините сведоци“.
Јеховините сведоци низ целиот свет имаат доверба во Бог дека ќе им помогне да му останат верни и послушни и покрај прогонства. Тие се радуваат затоа што знаат дека е голема наградата за нивната верност (Мат. 5:12).