Прва германска Библија во која се користи Божјето име
БОЖЈЕТО лично име, Јехова, се појавува илјадници пати во Преводот Нов свет на Светото писмо, издадено на германски јазик во 1971 година.a Меѓутоа, ова не била првата германска Библија што го користела Божјето име. Изгледа дека првата германска Библија во која се појавува името Јехова е издадена пред околу 500 години од Јохан Ек, еден угледен римокатолички теолог.
Јохан Ек е роден во 1486 година во јужна Германија. На 24 годишна возраст станал професор по теологија на универзитетот во Инголштат, каде што останал сѐ до својата смрт во 1543 година. Ек бил современик на Мартин Лутер, а некое време биле и пријатели. Меѓутоа, Лутер станал водечка фигура во реформацијата, додека Ек ја бранел Католичката црква.
Војводата од Баварија го овластил Ек да ја преведе Библијата на германски и преводот бил издаден во 1537 година. Според Kirchliches Handlexikon, преводот тесно се држел до оригиналниот текст и „заслужува поголемо признание од она што го добил досега“. Според преводот на Ек, стихот во Излез 6:3 гласи: „Јас сум Господарот, кој им се појави на Авраам, Исак и на Јаков како Семоќен Бог: и моето име Адонај, не им го открив“. На маргините Ек додал коментар за стихот: „Името Адонај Јехова“. Многу изучувачи на Библијата веруваат дека тука за прв пат се користи Божјето лично име во една германска Библија.
Меѓутоа, личното име на Бог е познато и се користи со илјадници години. Најраните записи каде што е спомнато името се на хебрејски јазик, каде „Јехова“ се користи за да се идентификува единствениот вистински Бог (Второзаконие 6:4). Изјавата на Исус дека го објавил Божјето име е запишана на грчки јазик, пред околу 2000 години (Јован 17:6). Оттогаш, името е објавено на безброј јазици и наскоро, во исполнување на Псалм 83:18, сите ќе знаат дека оној, чие име е Јехова, е Севишниот на целата земја.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, прво на англиски во 1961 година. Сега достапна во целост или во делови на преку 50 јазици.
[Слика на страница 32]
Издание на Библијата на Ек од 1558 година, каде што во референцата за стихот од Излез 6:3 се спомнува името Јехова