Празници — ќе ти ги исполнат ли очекувањата?
„Петар [Велики] наредил, на 1-ви јануари, во сите цркви да се одржуваат специјални новогодишни богослужби. Освен тоа, дал упатства да се користат зимзелени гранчиња за да се украсат довратниците во внатрешноста на куќите и наредил сите жители на Москва на Нова година да ‚ја изразат својата радост гласно честитајќи си‘ еден на друг“ (Peter the Great—His Life and World [Петар Велики — неговиот живот и неговиот свет]).
НА ШТО се радуваш кога ќе дојдат божиќните и новогодишните празници? Тоа е еден подолг празничен период кога и родителите и децата обично се на одмор, па затоа е идеална можност семејството да биде заедно. Божиќ традиционално се смета за ден на Христовото раѓање. Некои луѓе сакаат во ова време од годината да му искажат чест на Христос, затоа што сметаат дека тоа е најважното обележје на овие празници. Можеби и ти го мислиш истото.
Било да е во чест на Христос, или за да се поминат убави моменти со семејството, или, пак, и заради едното и заради другото, милиони сопрузи, сопруги и деца низ целиот свет со нетрпение чекаат да дојдат овие празници. Како ќе биде оваа година? Ќе испадне ли навистина посебно време за семејството, и дали е посебно време и за Бог? Ако се собере сето семејство заедно, дали ќе излезе сѐ како што сакаш или ќе се разочараш?
Многумина што се радуваат на религиозниот аспект забележуваат дека и Божиќ и Нова година честопати се прославуваат на начин што ни најмалку нема врска со Христос. Наместо тоа, празничниот период се сведува на време кога се примаат подароци, изговор за забава која можеби вклучува однесување што го срамоти Христос или, главно, е само повод за да се соберат и да се видат сите во семејството. Многу често, еден или повеќе од собраните што претерале со јадењето и алкохолот ќе расипат сѐ, подбуцнувајќи препирки кои честопати водат до семејно насилство. Можеби си го забележал ова, а можеби дури и лично си го искусил.
Ако е така, можеби ти се чини дека работите многу малку се смениле од времето на рускиот цар Петар Велики, опишани во почетокот. Загрижени поради ваквиот тек на работите, многумина посакуваат празниците да бидат време за подлабоко размислување на религиозни теми и топло дружење со семејството. Некои дури и активно се залагаат за промена, користејќи слогани како, на пример, „Празниците се во чест на Исус“. Но, може ли да се смени нешто? И дали тоа навистина ќе му донесе чест на Христос? Има ли причини да гледаме поинаку на празниците?
За да најдеме задоволувачки одговор, да ја погледнеме ситуацијата со очите на луѓето од една нација што требало да имаат посебна причина да покажат благодарност во ова време од годината.