„Подобар завршеток не можев да си замислам“
ЕДЕН професор во средно училиште во Шпанија напишал: „Повеќе од сто години, Јеховините сведоци покажуваат вистинска солидарност, беспрекорна чесност и, што е најважно, неуништлива вера“. Што го поттикнало овој професор — кој себеси се смета за атеист — да ги каже овие зборови?
Сѐ започнало кога Ноема, средношколка која е Јеховин сведок, добила задача да напише состав како последен испит пред да завршам со средното образование. Одлучила составот да биде на тема: „Пурпурните триаголници под владеењето на нацистите“.
Зошто ја избрала токму оваа тема? Ноема вели: „Бидејќи професорот секако ќе го провереше она што ќе го напишев, си помислив дека би можела да ја искористам можноста да му сведочам. Мене многу ме трогна тоа што Јеховините сведоци во нацистичка Германија цврсто се држеле за своите начела. Верував дека тоа ќе остави впечаток и кај другите“.
Она што го направила Ноема влијаело на многу повеќе луѓе отколку што очекувала. На 5 октомври 2002 година, нејзиниот состав бил награден на Националниот натпревар во истражувања на полето на науката и хуманитарните науки. Наградите на тој натпревар ги доделува жири составено од 20 академици од угледните шпански универзитети.
Наградата на Ноема ѝ ја врачила Пилар де Кастиљо, министерка за образование на Шпанија. Ноема ја искористила таа пригода да ѝ даде на министерката примерок од видеокасетата Јеховините сведоци стојат цврсто наспроти нацистичкиот напад. Таа со задоволство ја зела.
Во Манреса, родниот град на Ноема, локалниот весник го истакнал нејзиното академско достигнување и одново ја разгледал содржината на нејзиниот состав. Во меѓувреме, директорот на нејзиното училиште го побарал составот за да го вклучи во програмата по повод одбележувањето на 75-годишнината од постоењето на средното училиште.
„Подобар завршеток на моето средно образование не можев да си замислам“, вели Ноема. „Бев пресреќна кога ги прочитав зборовите што мојот професор, господинот Хорха Томас Халот, ги напишал како увод за мојот состав:
‚Јас сум атеист, но би сакал да сум потполно уверен дека постои тоа Врховно Битие кое кај оние на кои им е Бог побудува најискрена „љубов кон ближниот“‘“.