Посета што предизвикала голема промена
„ЕДВАЈ чекав да им кажам на моите за двата ‚ангела‘ што ми ги испрати Бог.“ Вака напишал еден човек кого го посетиле две девојки од Јеховините сведоци. Неколку седмици пред да дојдат тие, умрела неговата 45-годишна сопруга. Тој бил скршен од болка. Неговите возрасни деца го тешеле, но живееле далеку од него. Не го посетувале ниту пријателите ниту соседите.
„Јас и Бог сме скарани“, им рекол овој човек на двете девојки што дошле кај него. Но, тие покажале разбирање за него, и му дале еден мал трактат за Библијата со наслов: Дали постои надеж за нашите мртви? Го прочитал истата вечер и навистина се утешил.
По кратко време, двете христијанки се вратиле. Тие не заборавиле колку бил тажен човекот кога првпат дошле кај него, па наминале да видат како е. Подоцна тој го напишал следново: „Бев многу изненаден што две сосема непознати лица се грижеа за мене и сакаа да знаат како ми е“. Бил охрабрен од мислите што му ги прочитале од Библијата. Девојките рекле дека пак ќе дојдат. Човекот бил восхитен. Бил поттикнат да го напише ова писмо и да го испрати до најблиската Сала на Царството на Јеховините сведоци.
Кратко пред да се пресели поблиску до едно од своите деца, овој човек присуствувал на еден христијански состанок на Јеховините сведоци и бил поканет на гости кај семејството на една од девојките. Тој напишал: „Иако си заминувам одовде, тие млади луѓе и вашата црква секогаш ќе бидат во моето срце и во моите молитви. Да, сега се молам — и тоа често. Сосема се променив. Овие млади луѓе имаа голем удел во тоа, и засекогаш ќе им бидам благодарен“.