Можеби е лесен, но дали е точен?
ВО СЕПТЕМВРИ 2005 год., Англиканската црква со воодушевеност го поддржа излегувањето на преводот Библија за 100 минути. Направен да се прочита за 100 минути, овој нов превод накратко ги изнесува Хебрејските списи во 17 дела од по една страница и Грчките списи во 33 дела. Според зборовите на еден критичар, на тој начин се изоставени сите оние „досадни делчиња“. Можеби е лесен за читање, но дали е точен?
Оние што совесно ја проучуваат Библијата ќе забележат дека, освен што е изоставено Божјето име, Јехова, направени се и неколку други отстапувања (Осија 12:5). На пример, во првиот дел од тој превод се наведува дека Бог „ги создал небото и земјата во период од шест дена“. Меѓутоа, во оригиналниот текст на Библијата, во 1. Мојсеева 1:1 едноставно се вели: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Извештајот понатаму ги опишува другите работи што биле создадени, меѓу кои била и Земјата. Сето тоа траело шест „дена“, односно шест временски периоди. Затоа, во 1. Мојсеева 2:4, целокупниот период на создавање е наречен „денот кога Јехова Бог ги направи земјата и небото“.
Според Библијата за 100 минути, верниот човек Јов, бил нападнат од „еден од [Божјите] слуги, Сатана... чија одговорност била да служи како обвинител на луѓето“. Дали ја забележуваш противречноста? Зборот „Сатана“ значи „Противник“. Наместо Божји слуга, Сатана, всушност, е Божјиот најголем непријател и самиот одлучил да биде обвинител на луѓето (Откровение 12:7-10).
А како е со Христијанските грчки списи во Библијата за 100 минути? Во споредбата за овците и јарците, тој нов превод вели дека Исус им покажува наклоност на оние што му помогнале на „секој, без оглед колку е безначаен“. Но Исус, всушност, рекол дека ги благословува оние што им прават добро на неговите верни следбеници, односно на неговите „браќа“ (Матеј 25:40). Кратката содржина на Откровение во тој превод им кажува на читателите дека „Рим, кој е големиот Вавилон, ќе биде потполно уништен“. Но, оние што ја проучуваат Библијата знаат дека ниту еден дел во оригиналните списи не води до таков заклучок во врска со идентитетот на „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:15 — 18:24).
За оние што сакаат да го запознаат нашиот Творец и да ја разберат неговата намера, не постои никаква замена за комплетната Библија. Точно, потребно е повеќе од 100 минути за да се прочита Библијата, но тој што ќе го стори тоа, ќе добие непроценливи награди (Јован 17:3). Прифати го овој предизвик и добиј ги наградите (2. Тимотеј 3:16, 17).