Моќта на јазикот
ЈАЗИКОТ на жирафата е долг и до 45 сантиметри и е доволно подвижен и силен за да ги кине лисјата од гранките на дрвјата. А јазикот на синиот кит тежи колку еден слон. Замисли колкава сила е потребна само да се придвижи тој јазик!
Човечкиот јазик, пак, во однос на големината, тежината и силата, изгледа безначаен кога ќе се спореди со нив. Сепак, тој има многу поголема моќ. За овој мал дел од човечкото тело, Библијата вели: „Смртта и животот се во власта на јазикот“ (Изреки 18:21). Навистина, колкупати сме чуле дека некој ја употребил смртоносната моќ на својот јазик за да каже лаги и да сведочи лажно, и така го упропастил угледот на многу невини жртви, па дури и предизвикал тие да бидат убиени?
Слично на тоа, поради навреди биле уништени долгогодишни пријателства и, поради сурови зборови, биле повредени нечии чувства. Јов бил толку погоден од навредливите зборови на своите пријатели што извикал: „До кога ќе ми ја дразните душава и до кога ќе ме сотирате со зборови?“ (Јов 19:2). Ученикот Јаков дава јасна слика за разорната моќ на нескротливиот јазик: „Јазикот е мал дел од телото, а се фали со големи работи. Ете, мал оган е потребен за да се запали голема шума! Јазикот е оган“ (Јаков 3:5, 6).
Но, јазикот има моќ и да спаси нечиј живот. Сочувствителните и утешни зборови им помогнале на некои луѓе да излезат од депресија и ги спречиле да се самоубијат. Здравиот совет, кој им бил даден на некои наркомани и улични криминалци, ги спасил од прерана смрт. Навистина, плодот на јазикот на праведниот е „дрво на животот“, и „зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови“ (Изреки 15:4; 25:11).
Меѓутоа, нашиот јазик ќе го користиме најдобро ако го фалиме Јехова Бог така што ќе ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство и ќе ги поучуваме другите за скапоцените вистини од Библијата. Зошто велиме така? Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3; Матеј 24:14; 28:19, 20).