Дали сте знаеле?
Како гледал Бог на тоа што Израелците се занимавале со астрологија?
Според еден речник, астрологијата е „изучување на движењата на планетите, сонцето, месечината и ѕвездите, и верување дека тие движења можат да влијаат врз животот на луѓето“. Додека Земјата се врти околу Сонцето секоја година, соѕвездијата ја менуваат својата положба од гледна точка на Земјата. Уште од старо време, луѓето ги забележувале овие промени и им припишувале големо значење.
Астрологијата веројатно потекнува од раните Вавилонци, кои ги обожавале ѕвездите и соѕвездијата. Кога отстапиле од вистинскиот Бог, и Израелците почнале да се занимаваат со астрологија. До времето на цар Јосија, астрологијата веќе била раширена по целата Јуда. Божјето гледиште за оваа работа било многу јасно. Со векови претходно, со Мојсеевиот закон било забрането да се обожаваат ѕвездите, и секој што го правел тоа бил казнуван со смрт (5. Мојсеева 17:2-5).
Една од мерките што ги презел цар Јосија кога извршил религиозна реформа во Јуда била забраната да се принесуваат жртви „на сонцето, на месечината, на соѕвездијата и на сета небесна војска“. Во Библијата пишува дека царот го презел овој чекор затоа што сакал ‚да го слуша Јехова и да се држи за неговите заповеди‘ (2. Царевите 23:3-5). Тоа им е пример и на луѓето денес што сакаат да му служат на Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:24).
Кои биле „Зевсовите синови“ спомнати во Дела 28:11, фуснота?
Во библиската книга Дела пишува дека на пат за Рим, апостол Павле пловел од Малта до Путеоли на брод што на клунот го имал знакот на Диоскур, односно знакот на „Зевсовите синови“ (Дела 28:11, фуснота). Тој знак бил многу раширен меѓу древните морепловци и патници.
Според грчката и римската митологија, Зевс (познат и како Јупитер) и Леда имале синови-близнаци, кои се викале Кастор и Полукс. Овие ‚Зевсови синови‘ се сметале, меѓу другото, за искусни морепловци кои имале моќ над ветрот и брановите. Затоа биле обожавани како заштитници на морнарите. Патниците им принесувале жртви и ги молеле да ги заштитат кога имало бури. Народот верувал дека овие божества се покажувале себеси и својата заштитничка моќ во облик на елмски оган — електричен блесок што понекогаш се појавува на јарболите на бродовите кога има бура.
Обожавањето на Кастор и Полукс било многу раширено меѓу Грците и Римјаните, а во едно дело од старо време се спомнува и во поврзаност со областа околу Киринија, во северна Африка. Бродот што се спомнува во Дела бил од блискиот град Александрија, во Египет.
[Слика на страница 9]
Вавилонска камена плоча на која е прикажан цар Назимаруташ со соѕвездијата
[Слика на страница 9]
Денар на кој се прикажани „Зевсовите синови“, 114-113 год. пр.н.е.
[Извори на слики на страница 9]
Камена плоча: Réunion des Musées Nationaux/Art Resource, NY; монета: Со љубезна дозвола на Classical Numismatic Group, Inc./cngcoins.com