ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА
Ќе има ли некогаш една влада за целиот свет?
На кој начин една светска влада може да ги обедини луѓето од сите народи? Исаија 32:1, 17; 54:13
Замисли колку би било убаво да има само една влада за целиот свет. Денес многу луѓе страдаат затоа што живеат во крајна сиромаштија, додека други уживаат во раскош и богатство. Но, една светска влада која е вистински заинтересирана за доброто на луѓето би можела да се погрижи секој да го има она што му е потребно. Што мислиш, дали некогаш луѓето ќе успеат да формираат една таква влада? (Прочитај Еремија 10:23.)
Историјата покажува дека владите не успеале целосно да ги задоволат потребите на своите граѓани, особено на сиромашните. Некои влади се сурови (Проповедник 4:1; 8:9). Но, Семоќниот Бог ветил дека ќе обезбеди една влада која ќе ги замени сите други влади. Нејзиниот Владетел ќе покажува вистинска грижа за луѓето. (Прочитај Исаија 11:4; Даниел 2:44.)
Што ќе направи Божјето Царство?
Јехова Бог го избрал најдобриот можен Владетел — својот Син, Исус (Лука 1:31-33). Додека живеел како човек на Земјата, Исус сакал да им помага на луѓето. Како Цар, тој ќе ги обедини луѓето од сите народи и ќе им стави крај на страдањата. (Прочитај Псалм 72:8, 12-14.)
Дали сите го прифаќаат Исус како Владетел? Не. Но, Јехова е стрплив (2. Петрово 3:9). Тој им дава можност на луѓето да го изберат Исус за свој Владетел. Наскоро, Исус ќе ја исчисти Земјата од лошите луѓе и ќе воспостави мир и безбедност низ целиот свет. (Прочитај Михеј 4:3, 4.)