Смисловни состаноци за служба на проповедање
1 Во Лука 10:1-11, имаме извештај за состанокот што го одржал Исус со 70 новоименувани ученици за да им помогне да се подготват за службата на проповедање. Им дал специфични упатства за да им помогне да се организираат, да се подготват што ќе кажат и да излезат на крај со тешки ситуации. Ние можеме да учиме преку разгледување на овој извештај.
2 Очигледно сите 70 ученици биле присутни на состанокот со Исус. На состаноците се губи многу време кога некои поединци по навика доцнат. Нивното задоцнето пристигнување обично налага да се реорганизираат групите кои патуваат со автомобил како и доделбите на подрачја. Ова често предизвикува целата група да се задржи. Секој од нас може да го стори својот дел така што ќе дојде навреме и ќе биде спремен брзо да појде на подрачјето.
3 Исус ѝ дал на групата да користи конкретна тема за разговор, имено „царството Божјо“ (Лука 10:9). Нам ни е доделено да ја проповедаме истата порака и обично цениме кога имаме по неколку корисни предлози што да кажеме. Водителот може да се осврне на книгата Расудување која нуди повеќе од 40 различни уводи и соодветни библиски стихови кои може да се користат во најразлични ситуации. Краткото повторување на една или две презентации може да ни помогне да задржиме на ум нешто што ќе кажеме, со што нѐ оспособува да зборуваме со поголема сигурност на вратите.
4 Исус не само што им рекол на своите ученици што да кажат туку им кажал и како да го кажат тоа (Лука 10:5, 6). Приказите што се одржуваат на програмата на Службениот состанок ни покажуваат како да се изразиме делотворно. Водителот може да го повтори она што било изнесено на последниот состанок и да даде предлози како да се користи тоа во службата тој ден. Еден краток подготвен приказ на едноставна библиска презентација може да ни помогне да ги сконцентрираме своите мисли и да ги изразиме со зборови.
5 Исус исто така ги поучил своите ученици за нивното лично однесување (Лука 10:7, 8). Водителот може на сличен начин да ни даде конкретно упатство за да ни помогне да избегнеме нешто што може да нѐ одвлече од нашата работа. Може да нѐ предупреди да не се собираме на улица или да не губиме време во препирање со противници. Тој може да нѐ потсети дека е потребно да водиме точни белешки од куќа до куќа или да му предочиме на станарот дека се прифаќаат прилози за делото. На родителите можеби им треба потсетување грижливо да ги надгледуваат своите деца.
6 Тие 70 ученици постапувале согласно со Исусовите упатства и подоцна ‚се вратиле со радост‘ (Лука 10:17). Ако ги примениме упатствата што ги добиваме на состаноците за служба и ние можеме да очекуваме зголемена радост во проповедањето на пораката за Царството (Дела 13:48, 49, 52).