Поедноставување за Обласниот конгрес во 1995
1 Колку е возбудливо да се присуствува на духовни гозби, без оглед дали се тоа собраниски состаноци, покраински состаноци, денови на посебен состанок или обласни конгреси! Зошто? Дружењето со богобојазливи лица е освежувачко, а духовните работи изнесени во таквите прилики нѐ потсетуваат на она што е поважно.
2 Во последниве години, таквите духовни собири привлекле илјадници поединци, а тој број и понатаму расте. Меѓу 1985 и 1994 година, бројот на собранијата низ светот се зголеми за преку 50 отсто, од 49.716 на 75.573. Додека Јехова го забрзува делото на собирање, соодветно се зголемува и бројот на обласните конгреси и покраинските состаноци (Иса. 60:22). Еден одраз на овој огромен раст на бројот на собранија е растечкиот број на конгреси што се одржуваат само на подрачјето на подружницата во Соединетите Американски Држави, од 113 во 1985 на 168 во 1994. Поради тоа се зголемува и работата околу подготвувањето и изведувањето на овие конгреси. Бидејќи ние се собираме за да извлечеме корист од духовната програма што е подготвена за овие гозби, мудро е да се поедностави, колку што е практично можно, грижата околу телесните подготовки.
3 Чекори што треба да се направат: Додека напредуваме, бараме Јеховин благослов. Среќни сме што гледаме дека Јехова му го дава на својот народ потребниот дух на мудрост и разбирање. Мора да се согласиме дека преку верната класа на робот, Исус Христос делотворно ги управува работите за успешно извршување на Јеховината намера на еден чудесен начин (Мат. 24:45-47; Кол. 1:9, 10). Едно известување во декемвриската Наша служба за Царството гласеше: „Почнувајќи со обласните конгреси за 1995 и со покраинските состаноци и деновите на посебен состанок од септември 1995, нема да се служи храна. Секој сам треба да си донесе храна и пијалоци“. Покраинските состаноци и деновите на посебен состанок ќе ја имаат сегашнава подготовка за поедноставена послуга со храна сѐ до август 1995. На ова известување имаше позитивни реакции. Можеби ве интересира од каква корист ќе биде оваа промена. Веројатно наредново разгледување на промените направени последниве години ќе бидат добар потсетник за користа што веќе сме ја добиле со поедноставената работа на конгресите.
4 Претходни промени кон поедноставување: Пред да се спроведат стандардизираните и поедноставени подготовки за обласен конгрес, како што е службата за исхрана, доброволната служба и ноќевањето, од илјадници локални браќа и сестри се изискуваше многу работа во претконгресните подготовки. Со оглед на притисоците и барањата што им се наметнуваат на нашите браќа во секојдневниот живот и со оглед на непрестајниот раст на организацијата, навистина беа неопходни промени за поедноставување на работата. Освен тоа, во Соединетите Држави во 1978, поради поедноставеното функционирање на нашата служба за исхрана, преку 70.000 браќа и сестри, кои обично работеа напорно во текот на програмата за да нѐ обезбедат со храна, можеа да ја слушаат програмата. Во 1987 беа спроведени натамошни поедноставувања во врска со службата за исхрана на конгресите, а во текот на следната година и во Конгресните сали. Подоцна, за присутните на конгресите и на покраинските состаноци прехрамбените артикли беа ставени на располагање бесплатно. Колку добри промени беа тоа, олеснувајќи ја работата и дозволувајќи да се посвети поголемо внимание на духовните аспекти на конгресот, а и работниците да бидат во состојба повеќе да слушаат и да уживаат во програмата (5. Мој. 31:12). Оние верни меѓу нас кои многу години лојално служат, добро се сеќаваат на овие подобрувања и имаат изразено ценење за добиените упатства. Но, уште која работа може да се елиминира дури и од овие поедноставени подготовки, што ќе ни овозможи да извлечеме уште поголема корист од духовната програма?
5 Очекувани промени: Со текот на годините, кога беше подготвуван и послужуван поедноставен избор на храна, се виде дека релативно „малку работи“ беа навистина „потребни“. (Спореди Лука 10:38-42, НС.) Меѓутоа, умножувањето на таквите малку работи, како резултат на големиот број присутни, сѐ уште изискуваше многу средства и многу работа, како и додатна скапа опрема. Потоа, потребен беше и многу голем број доброволци за да се организираат и поддржат тие подготовки. Мораше да се обезбедат центри за складирање и дистрибуирање на храната. Освен тоа, некои градски здравствени служби беа екстремни во поставените услови за сервирање на храната, а тоа беше товар за задолжените браќа. Ладилниците на Заедницата мораше да се натоварат со пратки храна, да минат многу километри и да се истоварат. Сето ова вклучуваше одговорности што претставуваа вистинска грижа за Заедницата. Приколките, исто така, изискуваа одржување, сместување и одредување на маршрутата, што вклучуваше работа, време и трошоци. Со натамошното поедноставување нема да има потреба од ладилници ниту од влечни коли за да ги пренесат овие приколки за употреба на конгресите. Освен тоа, многу браќа ќе се ослободат од големата задача да ја одржуваат оваа опрема.
6 Спремноста на оние кои служеа како доброволци на овие сродни полиња на работа беше од непроценлива вредност и многу е ценета. Меѓутоа, со ова натамошно поедноставување, тие илјадници што служеа околу одржувањето и возењето на камионите, како и околу набавката, подготвувањето, доставувањето и послужувањето на храната, ќе можат своето време да го употребат за други неопходни цели на Царството, вклучувајќи го и попотполното уживање во дружењето на конгресите. Оние доброволци што обично служеа во Службата за исхрана сега ќе можат да помагаат во други одделенија, како што е редарското и одделението за чистење. Ова секому ќе му го олесни товарот и нема да бара од многумина да работат до доцна навечер, рано наутро или во текот на програмата, како што беше случај со голем број Одделенија за исхрана.
7 Поддржување на промените: Заедницата многу ја цени одличната поддршка што низ годините „сесрдно“ ја дававте вие, браќа и сестри, околу конгресните подготовки, вклучувајќи ја и службата за исхрана (1. Лет. 29:9). Ова има помогнато на многу начини. Овозможено е да се изнајмуваат добри објекти и да се покаже грижа околу конгресните трошоци. Исто така, на присутните им беше овозможено да останат на конгресното место во текот на кратките пладневни паузи и без проблеми да добијат храна, да се освежат, а потоа да присуствуваат на духовната програма. Без сомнение, браќата и сестрите и понатаму ќе покажуваат дарежливост и поддршка како придонес за овие подготовки. Тоа е израз на нивното ценење на еден практичен начин (Изр. 11:25; Лука 16:9).
8 Вашата храна: Меѓутоа, со овие натамошни промени ќе биде неопходно поединците и семејствата сами да се обезбедат со она што им е потребно за материјална поткрепа во текот на пладневната пауза. Ние високо ги цениме прекрасните користи од духовната програма. Не би било мудро да дозволиме на телесната храна да ѝ придадеме непотребно значење. Во овој поглед важно е секој ‚да се увери во поважните работи‘ (Фил. 1:9, 10а, НС). Неодамнешните големи конгреси на Јеховиниот народ во Полска, Русија и Украина, како и на други места, успешно се одржаа без подготовки за служење на храна. Освен тоа, некои покраини во овие земји, поради локални околности, успешно ги одржаа нивните покраински состаноци и програми за денот на посебен состанок без да се служи храна. На сите конгреси, делегатите си донесоа своја храна за ручек. Ќе увидиме дека ако донесеме само лесна пладневна закуска, тоа ќе придонесе да останеме во будна умствена состојба, овозможувајќи ни да извлечеме потполна корист од попладневната програма. Во склад со ова, секој треба да донесе храна што е едноставна и хранлива. На пример, кога Исус ги нахранил мноштвата, им обезбедил само две работи — леб и риби (Мат. 14:16-20; види и Лука 10:42а). За таа цел, со задоволство ќе дадеме некои предлози за тоа што би било соодветно и практично со оглед на скратената пауза за ручек и видот на објектите што ќе ги користиме.
9 Бидејќи повеќе нема да има подготовки за служење на храна на конгресот, оние што ќе присуствуваат ќе можат со добро планирање да уживаат појадок со своите семејства било дома било на некој локален угостителски објект. По добриот одмор во текот на претходната ноќ, ќе можеш да станеш доволно рано за да појадуваш и да стигнеш на конгресот прилично рано за да уживаш во дружењето со другите делегати. Друга корист од новата подготовка е тоа што ќе нема потреба од персонал на вратите на објектот и тие нема да бидат отворени толку рано како што беа кога на доброволците за служење на храна им се дозволуваше да влезат заедно со нивните семејства. Вратите на објектите ќе се отвораат во 8.00 часот за сите делегати, освен за оние неколкумина кои ќе имаат специфични задачи што налагаат тие да влезат порано. За разлика од порано, ќе нема потреба некој да трча на конгресното место за да си најде седиште, бидејќи ќе има соодветни седишта што се планирани за проценетиот број присутни.
10 Пладневната пауза ќе биде нешто пократка отколку на претходните конгреси. Меѓутоа, тоа сѐ уште ќе дава можност да се земе нешто лесно за освежување, како и време за кратко дружење со другите. На нашите браќа и сестри кои живеат во конгресните градови, или во близина, и кои секоја вечер ќе се враќаат дома, ќе им биде лесно да подготват по малку храна за секој член на семејството за да го понесат за пладневната пауза. Ова ќе биде исто како оброкот што си го понесуваат младите на училиште, можеби сендвич и овошје, колач и нешто за пиење. Многу луѓе си носат слични оброци на своите световни работни места.
11 Ова, без сомнение, ќе претставува поголем предизвик за оние кои се дојдени од други места, бидејќи ќе биде неопходно претходно планирање за нивниот пладневен оброк. Можеби некои работи, како што се салветки и хартиени чаши за една употреба за оние што патуваат во твојата група, ќе може да се понесат од дома. Некои можеби ќе сметаат дека лесна закуска од малку свежо овошје или зеленчук би била доволна за да си ги задоволат потребите, а и ова може да се донесе од дома. Друга храна што е потребна за секоја пладневна пауза може да се добие во продавниците во конгресниот град. Се разбира, ние сфаќаме дека фрижидери за сместување на разновидна храна нема да бидат можни за оние што отседнуваат во хотели.
12 Заради потсетување, ве молиме НЕ ГОТВЕТЕ ВО ХОТЕЛСКИТЕ СОБИ доколку немаат чајна кујна за таа намена. Освен што е опасно и нелегално, може и да се оштети мебелот во собата со дамки и маснотија. Тоа создава непријатни миризби кои со денови не ќе можат да се отстранат од собата. Сето ова му отежнува на хотелот повторно да ја изнајми собата без претходни трошоци и работа за чистење и деодорирање. Токму затоа би било мудро да купите работи што не се расипуваат, како ореви, бадеми и лешници, сушено овошје и крекери, или можете да изберете да понесете со себе месени работи, како леб, ролати или чајни колачи. Ако сакате за ручек нешто, како на пример сендвич, можеби во продавницата за храна во која ќе купувате ќе најдете штанд за деликатеси каде што се подготвени такви работи. Купувањето на таквите готови работи ќе ја елиминира подготовката во хотелските соби или во автомобилот или, пак, во автобусот.
13 Со оглед на тоа дека конгресното место во текот на конгресот всушност станува голема Сала на Царството, ќе биде мудро за време на пладневната пауза да не се создава излетничка атмосфера. И, исто како што не јадеме за време на состаноците во Салата на Царството, не треба да јадеме и да пиеме ни во текот на конгресната програма. Големи семејни фрижидери за излет нема да бидат дозволени во објектот каде што ќе се одржува конгресот. Тие можат да создадат опасности и не може да стојат меѓу редовите ниту на седиштата. Можеби големи торби или хартиени вреќички за една употреба ќе бидат посоодветни за пакување на лесните работи за закуска што ќе ни бидат потребни за пладневната пауза. Ако е неопходно, може да се употреби мал фрижидер што може да се стави под седиштето, но не и на него.
14 Претпазливост треба да се покаже и во однос на амбалажата на пијалоците што ќе ги донесеме на конгресното место. Топлите напивки може да се донесат во термоси. Каква било стаклена амбалажа може да биде опасна. Многу објекти дури ја забрануваат нивната употреба. Затоа, посебно ве молиме НЕ НОСЕТЕ СТАКЛЕНИ ШИШИЊА во просториите. Ако изберете ладен пијалок што не може да се купи во пластично или алуминиумско пакување, најдобро би било да го претурите во друг вид мал сад што не се крши, а што може да се стави под седиштето.
15 Додатна корист: Вистина, можеме да ја согледаме мудроста на таквите променети подготовки. Сите ќе можат да посветат потполно внимание на тоа да извлечат духовна корист — вистинската цел на нашите собири. Оваа корист ја дава дружењето, како и самата програма. Затоа, наместо да го напуштиме објектот на пладневната пауза за да бараме храна, многу покорисно ќе биде да понесеме нешто со себе. Ова ќе ни овозможи да уживаме во дружењето со нашите браќа и сестри и ќе нѐ спречи да изгубиме нешто од попладневната програма.
16 После духовната окрепа од попладневната програма, некои можеби ќе се радуваат на продолжено христијанско дружење и разговори за добрите работи што ги научиле, за време на пообилниот оброк со семејството и со пријателите во локалните угостителски објекти. Други можеби само ќе купат нешто од бакалница или од продавница за деликатеси. Оние кои можат да си отидат дома можеби ќе сакаат да вечераат таму, отприлика онака како што прават и во другите денови кои ги минуваат на световна работа или во службата на подрачјето.
17 Ние навистина уживаме на духовниот банкет за време на овие собири и конгреси каде што добиваме нови публикации, одлични поуки и практични совети. Овие благослови се нешто што секој памти, заедно со радоста да се биде со Божјиот собран народ. Изреки 10:22 вели: „Благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“. Ова е така бидејќи, како Јеховин народ, не ги посетуваме конгресите имајќи ги за цел материјалните потреби и удобности. Ние се собираме со позитивната желба да добиеме најголема корист во духовен поглед, а Јехова богато нѐ благословува поради таквиот дух (1. Тим. 6:6-8; Евр. 11:6).
18 Овие прилики за охрабрување исто така нѐ потсетуваат на напредокот на духовната жетва (Јован 4:35, 36). Уводните зборови од Исаија 54. поглавје ја повикуваат Јеховината организација, слична на жена, да се подготви за радосен пораст. Натамошниот напредок, проширување и обновување на силата се на повидок, како што пророкува Исаија: „Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живеалиштето твое прошири ги, продолжи ги јажињата свои и зацврсти ги колците свои; зашто ти ќе се рашириш десно и лево“. Исполнувањето на ова возбудливо пророштво довело до ненадминато проширување на вистинското обожавање што сега го гледаме (Иса. 54:1-4).
19 Навистина, спроведувањето на ова натамошно поедноставено конгресно уредување претставува израз на добро расудување за да можат сите, со помалку работи што им го одвлекуваат вниманието, да уживаат во духовната програма што е подготвена. Веруваме дека и ова ќе има Јеховин благослов, бидејќи ќе дозволи поделотворно да се постапува со натамошниот пораст. Со сосредоточување на она што е потребно, ќе можеме да уживаме во нашите планирани денови на среќно дружење и духовно добри работи. Искрено се молиме Јехова да ги благослови сите наши напори додека се собираме и се храниме на неговата трпеза. (Спореди 5. Мојсеева 16:14, 15.)
[Рамка на страница 6]
Корист од тоа што нема да се служи храна
◼ Помалку работа пред, за време и после програмата, што дозволува повеќе дружење
◼ Нема опрема за служење на храната што треба да се одржува
◼ Повеќе луѓе ќе можат да посветат потполно внимание на духовната програма
◼ Повеќе доброволци на располагање за да помагаат во други одделенија
◼ Повеќе време на располагање за други теократски работи
Предлог — што да се понесе за пладневната пауза
◼ Лесни, едноставни и хранливи работи за ручек
◼ Суво овошје, ореви, лешници, бадеми, сукани работи, свежо овошје
◼ Мали фрижидери, ако е неопходно
◼ Газирани пијалоци, густи сокови или вода во некршливи шишиња
Во конгресниот објект НЕ носете
◼ Алкохолни пијалоци
◼ Стаклени шишиња
◼ Големи семејни фрижидери за излет