Да го следиме нашиот Пример како светлоносци
1 За себеси Исус изјавил: „Јас сум Светлина на светот“. Следејќи го неговиот пример, Исусовите ученици исто така биле ‚светлина на светот‘ (Мат. 5:14). Како ‚светлина на светот‘, Исус можел да каже дека сите кои го следат ќе ја поседуваат ‚светлината во животот‘ (Јован 8:12). Тоа нѐ прави духовни светлоносци, кои не смеат никогаш да дозволат нешто да ја сокрие или затемни таа светлина.
2 Јеховината организација нѐ школува за да ни покаже како да бидеме делотворни светлоносци. Ако тесно ги следиме советите и водството што ги добиваме, ќе бидеме во можност да ги просветлиме луѓето од секаков вид за вистината за Царството (1. Тим. 4:6). Да се служи како светлоносец вклучува не само да се зборува за вистината во секоја прилика туку и да се задржи одлично однесување како христијанин. Нашиот Пример имал беспрекорно однесување. Како негови следбеници, мораме да покажеме дека христијанството е наш секојдневен начин на живот (Ефеш. 5:9; Тит 2:7, 8, 10). Мораме да правиме добри дела што другите ќе можат да ги видат и ќе бидат поттикнати да го слават Бог (Мат. 5:16).
3 Еден Сведок се соочил со една необична молба додека одел од куќа до куќа. Поглаварот на куќата и неговата сопруга биле многу болни, а требало да стават пари во банка. Го замолиле Сведокот да го стори тоа. Тој се согласил и му дале да однесе во банка 2.000 долари во готово! Кога се вратил, тој прашал: „Како можевте да имате доверба во мене кога воопшто не ме познавате?“ Тие одговориле: „Ние знаеме, а и секој друг, дека само во Јеховините сведоци можеш да имаш доверба“. Колку можеме да бидеме благодарни што нашето тесно држење за моралните начела од Библијата донесува репутација која му носи чест на Бог!
4 Една учителка за прво му објаснила на своето одделение зошто една шестгодишна ученичка Сведок не учествувала во боењето на цртежи за празникот Сите свети. Учителката рекла дека многу се гордее со неа затоа што имала храброст да биде поинаква поради своето убедување. Учителката коментирала дека ако цврсто веруваме во нешто, треба да имаме храброст да го браниме тоа. Таа ноќ учителката ги анализирала сопствените верувања и морала да признае дека не ја покажала истата храброст да ги брани своите убедувања. Следниот ден изјавила дека во иднина нема да го вклучува своето одделение во празнични прослави, од кои во некои и самата не верувала!
5 Јеховиниот народ е ревносен да ја зрачи светлината без разлика каде се наоѓа. Примерното однесување на младите во училиште оставило добар впечаток кај соучениците и кај наставниците. Возрасните Сведоци кои имаат одлично однесување во соседството, предизвикуваат другите да зборуваат поволно за пораката на Царството. Неформалното сведочење во многу околности ги привлекува искрените луѓе кои сакаат да дознаат повеќе. Дури и нашата марливост и чесност во световната работа дава сведоштво. Да, каде и да сме и што и да правиме, можеме да подбудиме интерес за вистината.
6 Задржувајќи го погледот на беспрекорниот животен образец на нашиот голем Пример, можеме да продолжиме да ги усовршуваме своите вештини како негови ученици. Имитирањето на неговиот пример ќе биде гаранција дека нашата светлина ќе ‚свети за сите‘ (Мат. 5:15; 1. Петр. 2:21).