Зошто е корисно Јехова да нѐ прегледа?
1 Секој сака добро здравје. Тоа го прави животот многу порадосен. Па сепак, многумина кои имаат добро здравје понекогаш одат на преглед. Зошто? Затоа што сакаат да откријат дали се развива некој здравствен проблем за да преземат здравствени мерки. Многу поважно е да го чуваме своето духовно здравје. Јеховиното одобрување зависи од тоа дали сме „здрави во верата“ (Тит 1:13).
2 Сега е соодветно време за Јехова да нѐ прегледа. Зошто? Затоа што Јехова е во својот свет храм и тој ги прегледува срцата на сите луѓе (Пс. 10:4, 5; Изр. 17:3). Како Давид, и ние бараме од Јехова детално да нѐ прегледа: „Прегледај ме, о Јехова, и испитај ме; прочисти ми ги бубрезите и срцето“ (Пс. 26:2, НС).
3 Ние мораме да се браниме од опасности за нашето духовно здравје кои можат да ни дојдат одвнатре поради нашето несовршено тело. Изреки 4:23 нѐ советува: „Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“.
4 На нашето духовно здравје може исто така да му се заканува расипаниот, неморален свет кој нѐ опкружува. Ако си дозволиме премногу да му се приближиме на овој зол систем, може да почнеме да размислуваме како него и да развиеме световни ставови. Или, пак, може да прифатиме световен животен стил и да нѐ обземе духот на светот (Ефеш. 2:2, 3).
5 Сатана може да употреби прогонство или директно противење во обидот духовно да нѐ уништи. Меѓутоа, многу почесто тој лукаво користи световни привлечни работи со цел да нѐ заведе. Петар нѐ подбудува ‚да бидеме трезвени, да бидеме будни‘ бидејќи Сатана е „како лав што рика и бара некого да го проголта“. Подбудени сме ‚да му се спротивиме со тврда вера‘ (1. Петр. 5:8, 9).
6 Постои потреба да си го заштитиме духовното здравје, и да ја одржуваме својата вера цврста со тоа што ќе ја зајакнуваме секој ден. Апостол Павле ни препорачал постојано да ја испитуваме својата вера. Исто како што мудро се придржуваме кон практичниот совет што ќе ни го даде еден компетентен лекар, така го слушаме и Јехова кога Неговиот духовен преглед открива проблем кој треба да се реши. Тоа ни овозможува ‚да се исправаме‘ (2. Кор. 13:5, 11, НС).
7 Јехова е навистина големиот Испитувач. Неговите дијагнози се секогаш точни. Тој точно знае што ни треба. Преку својата Реч и преку ‚верниот роб‘ тој ни препишува здрава духовна диета (Мат. 24:45, НС; 1. Тим. 4:6). Редовното хранење дома и на собраниските состаноци, според оваа диета со хранлива духовна храна, ни овозможува да останеме духовно здрави. Редовното духовно вежбање во службата и во другите христијански активности е исто така корисно. Затоа, радо прифаќаме редовни прегледи од страна на Јехова, сигурни дека ќе ни овозможи да задржиме најдобро духовно здравје.