Како можам да дојдам до уво што слуша?
1 Во градот Филипи, „една богобојазлива жена . . . по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што зборуваше Павле“ (Дела 16:14). Што учиме од овој извештај? Слушањето е она што ја отвора вратата за некој да ја дознае вистината. Нашиот успех во споделувањето на пораката на Царството првенствено зависи од спремноста на станарот да слуша. Штом ќе дојдеме до уво што слуша, обично е лесно да ја претставиме нашата порака. Но, предизвик е да се дојде до некој што слуша. Што можеме да сториме?
2 Пред да појдеме во служба, треба да обрнеме внимание на нашиот изглед и на опремата што ќе ја користиме. Зошто? Луѓето се понаклонети да слушаат некој кој изгледа достоинствено. Дали сме облечени вкусно, но скромно? Иако немарноста можеби е популарна во светот, ние избегнуваме таква невнимателност бидејќи сме слуги кои го претставуваат Божјето Царство. Нашиот чист и уреден изглед го надополнува поволното сведоштво на пораката за Царството што ја проповедаме.
3 Биди пријателски настроен и учтив: И покрај тоа што денешните гледишта се менуваат, многу луѓе сѐ уште имаат почитување кон Библијата и поволно одговораат на еден учтив и пријателски разговор за она што го содржи Библијата. Една срдечна, искрена насмевка може да го опушти станарот и да отвори пат за пријатна дискусија. Нашата искреност и добрите манири треба да се видат и во нашиот говор и однесување, што вклучува со почит да ги сослушаме забележувањата на станарот.
4 Нашата цел е да ја споделуваме библиската надеж со другите. Имајќи го ова на ум, треба да бидеме сигурни дека нашиот разговор е привлечен, а не непријателски или предизвикувачки. Нема потреба да се губи време во расправии со некој кој очигледно се противи (2. Тим. 2:23-25). Можеме да избереме една од широкиот спектар охрабрувачки и навремени презентации кои се дадени во Наша служба за Царството и во книгата Расудување. Се разбира, потребно е добро да ги подготвиме за да можеме да зборуваме на еден срдечен и убедлив начин (2. Петр. 3:15).
5 После нашата посета, малкумина станари би можеле да запомнат точно што сме рекле. Меѓутоа, речиси сите од нив можат да се сетат на начинот на кој било речено тоа. Никогаш не треба да ја потценуваме моќта на добрината и на љубезноста. Сигурно на нашето подрачје има многу луѓе слични на овци кои ќе имаат уво што ја слуша вистината токму онака како што направила Лидија во првиот век. Ако внимаваме на нашиот изглед и на начинот на кој зборуваме, тоа може да ги охрабри оние што се искрени да ја слушаат Божјата Реч и поволно да одговорат (Мар. 4:20).