„Јехова ми е помошник“
1 Кога Исус ги овластил своите први ученици, им рекол: „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци“ (Мат. 10:16). Дали тоа ги навело да се загрижат или да се воздржуваат? Не. Тие го усвоиле ставот што подоцна го изразил апостол Павле кога на сохристијаните им рекол: „Слободно да велиме: ‚Господ [Јехова, NW] ми е помошник, и нема да се уплашам: што може да ми направи човек?‘“ (Евр. 13:6). Тие се радувале што се удостоиле да бидат навредувани поради Исусовото име и без попуштање продолжиле да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест (Дела 5:41, 42).
2 Денес, делото на проповедање ширум светот е во своите финални етапи. Токму како што предвидел Исус, ние сме станале предмет на омраза од страна на сите народи (Мат. 24:9). На нашето проповедничко дело се противат и се исмејуваат, а во некои делови од Земјата тоа е дури и забрането. Доколку ни недостасува вера, би можеле да се чувствуваме застрашени. Меѓутоа, знаењето дека Јехова е наш Помошник нѐ освежува и нѐ зајакнува да истраеме.
3 Храброст е особина да се биде јак, смел, јуначен. Тоа е спротивно на стравот, плашливоста, кукавичноста. На Исусовите ученици отсекогаш им била потребна храброст за да истраат. Таа е неопходна за да избегнеме да бидеме обесхрабрени од ставовите и постапките на светот кој е во непријателство со Бог. Колку само е охрабрувачки за нас да мислиме на сјајниот пример на Исус, победникот на светот! (Јован 16:33). Сети се и на апостолите кои и покрај жестоките испити смело изјавиле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29, NW).
4 Ние не сме од оние кои се повлекуваат: Треба да се стремиме да задржиме позитивен став кон нашето дело (Евр. 10:39, NW). Секогаш имај на ум дека ние сме испратени од Јехова како израз на неговата љубов и милост кон сето човештво. Тој никогаш не бара неговите слуги да прават нешто што не служи за корисна цел. Сѐ што ни е доделено да правиме, на крај ќе биде за доброто на оние кои го љубат Бог (Рим. 8:28).
5 Оптимистичкиот изглед ќе ни помогне и понатаму да ги бараме лицата слични на овци во нашето подрачје. На апатијата која ја покажуваат луѓето би можеле да гледаме како на израз на нивната фрустрација и безнадежност. Нека нашата љубов нѐ покрене да бидеме сочувствителни и стрпливи. Секојпат кога оставаме литература или, пак, на поинаков начин откриеме искра интерес, наша цел би требало да биде брзо да направиме повторна посета и да стимулираме понатамошен интерес. Никогаш не треба да се сомневаме во својата способност да започнеме библиска студија или дека сме делотворни во нејзиното водење. Наместо тоа, треба постојано и молитвено да бараме Јеховина помош и упатство, уверени дека тој ќе ни помогне.
6 Ние цврсто веруваме дека Јехова ќе го доведе делото до неговиот крај. (Спореди Филипјаните 1:6.) Нашата безрезервна доверба во него како наш Помошник нѐ зајакнува, така што „не попуштаме да го правиме она што е добро“ (Гал. 6:9, NW).