,Даровите во облик на луѓе‘ желно го пасат Божјето стадо
1 Колку само љубезна подготовка направил Јехова преку својот Син давајќи „дарови во облик на луѓе“! (Ефеш. 4:8, 11, 12). Тие имаат многукратни одговорности, во кои спаѓаат и активно и желно пасење на Божјето стадо (1. Пет. 5:2, 3). Сите извлекуваме корист од оваа многу потребна подготовка. Сеедно дали некои наидуваат на тешкотии, дали се нови во собранието, дали имаат извесни слабости или, пак, застраниле, овие мажи имаат искрен личен интерес за духовното добро на сите (Фил. 2:4; 1. Сол. 5:12—14).
2 Кога вознемирувачките настани во светот ќе предизвикаат извесна загриженост, овие потпастири се „како заветрина, прибежиште од невреме“. Кога сме изморени или оптоварени и кога имаме потреба од утеха, тие нѐ освежуваат. Во такви случаи се „како потоци во сува земја“ или „како сенка во жедна пустина“ (Иса. 32:2).
3 Ги охрабруваат неактивните: Старешините вложуваат посебни напори да ги охрабрат оние што станале нередовни или неактивни, помагајќи им повторно редовно да учествуваат во сите собраниски активности. Љубезните пастирски посети им помогнале на многумина редовно да присуствуваат на собраниските состаноци и толку да се изградат духовно што повторно учествуваат во служба на теренот. Сите такви напори од страна на старешините ја одразуваат Јеховината грижа полна со љубов и активното водство на Исус Христос. Тој оставил пример како да се покажува таква грижа за секоја од неговите овци што можеби заталкала или се изгубила (Мат. 18:12—14; Јован 10:16, 27—29).
4 Потпастирите бараат знаци што покажуваат кога некој се тетерави духовно. На секој што покажува знаци на обесхрабрување, почнал нередовно да присуствува на состаноците или попушта во службата на теренот веројатно му треба духовна помош. Старешините се желни да му помогнат на секого што почнал да покажува склоност кон световно облекување и дотерување или, пак, развил критизерски став кон собранието. Со искрен интерес и нежна наклоност, заинтересираните надгледници спремно ‚ја даваат својата душа‘ во обидот да им помогнат на таквите повторно да ја разгорат својата љубов кон Јехова (1. Сол. 2:8).
5 Во минатото, некои предадени христијани изгубиле контакт со собранието, паѓајќи во духовна неактивност затоа што станале преоптоварени со здравствени проблеми, економски падови или притисоци во семејството. Без да бидат критизерски настроени, старешините љубезно ги уверуваат дека Јехова се грижи за сите свои овци и дека ќе ги поткрепи во тешките моменти (Псал. 55:22; 1. Пет. 5:7). Будните пастири на стадото можат да им помогнат да сфатат дека, ако ‚му се приближат на Бог, и тој ќе им се приближи ним‘, давајќи им утеха и освежување (Јак. 4:8; Псал. 23:3, 4).
6 Ги ценат немоќните: Потпастирите полни со љубов се грижат и за оние што би можеле да бидат превидени. Со секое собрание се поврзани некои што се немоќни, живеат во старечки домови или се онеспособени на други начини. Разбирливо е дека нивното учество во објавувањето на пораката за Царството е ограничено поради нивните околности. Можеби имаат прилика да сведочат само кога контактираат со посетителите, другите пациенти или негувателите. Меѓутоа, сѐ што можат да прават се смета за скапоцен придонес кон вкупното проповедничко дело (Мат. 25:15). Дури и ако сведочат само 15 минути, тоа треба да се извести и тие и понатаму ќе се сметаат за редовни објавители на Царството.
7 ‚Даровите во облик на луѓе‘ се особено свесни за духовните потреби на своите браќа во ова време од годината — сезоната на Меморијалот. Колку соодветно време за старешините да вложуваат посебни напори да им помогнат на сите што заталкале повторно да ја доживеат радоста и душевниот мир што доаѓаат од срдечното дружење со собранието! Се радуваме кога ќе видиме како оние „кои ни се сродни по верата“ се присутни на собраниските состаноци и одат во служба, потврдувајќи ја својата вера во откупната жртва (Гал. 6:10; Лука 15:4—7; Јован 10:11, 14).