Прашања
◼ Зошто е потребна добра проценка кога станува збор за следење на собраниските состаноци преку телефон?
Некои поединци понекогаш не можат да дојдат на собраниските состаноци во Салата на Царството поради болест или од други разбирливи причини. Затоа, во некои земји собранијата им овозможуваат на тие лица да ги слушаат состаноците во својот дом преку телефон. За да може да бидат згрижени на ваков начин само оние на кои тоа навистина им е потребно, неопходна е добра проценка и внимателна организација. Затоа, одговорните старешини треба да го организираат и да го надгледуваат тоа за „сѐ да биде пристојно и така како што е редот“ (1. Кор. 14:40).
Старешините ќе се погрижат да им се даде предност на објавители од нивното собрание кои се хронично болни или кои не можат да излегуваат од дома од некоја друга причина. Објавител што е привремено болен, како и интересент што добро напредува, а кој не може да излегува од дома поради болест, исто така може да ја добие таа услуга и да се брои како присутен на состанокот. Кога нема доволно телефонски линии за да се поврзат сите што имаат оправдана потреба од тоа, можеби ќе биде возможно да им се помогне на друг начин, на пример да им се даде снимка од состанокот.
Се разбира, нема ништо подобро од тоа секој лично да биде присутен на нашите состаноци. Кога сме во Салата на Царството со нашите браќа и сестри, можеме „заемно да се охрабриме“, а тоа им помага и на новите да сфатат колку е важно да доаѓаат на состаноците. Кога сме присутни на состаноците, извлекуваме поголема корист од презентациите, старешините можат лично да ни помагаат и од прва рака ја чувствуваме срдечната љубов на братството. Вистинити се зборовите на една постара сестра која, откако добила прегратка додека излегувала од Салата на Царството, рекла: „Ова не можеш да го добиеш преку телефон!“ (Рим. 1:11, 12).
Како Ана, која ‚никогаш не изостанувала од храмот‘, денес многу од нашите постари браќа и сестри се редовни на христијанските состаноци онолку колку што им дозволуваат здравјето и околностите (Лука 2:36, 37). Иако ги слушаат состаноците преку телефон кога тоа е неопходно, тие не гледаат на таквата можност како на замена за присуството на состаноците во Салата на Царството. Слично на нив, и ние да продолжиме со цело срце да се трудиме да доаѓаме на сите наши состаноци за да го обожаваме нашиот голем Бог, Јехова (Пс. 95:1-3, 6; 122:1).