Дали би можел да одиш во служба во неделите?
1. Што учиме од тоа што го направиле Павле и неговите придружници во Филипи?
1 Било сабота, ден кога повеќето Евреи во Филипи се одморале. Павле и неговите придружници престојувале во тој град на едно од своите мисионерски патувања. Тие марливо проповедале, и никој не би ги критикувал ако одлучеле и самите да го искористат тој ден за да се одморат. Но, знаеле дека Евреите се собираат надвор од градот за молитва, па ја искористиле приликата за да им проповедаат. Павле и неговите соработници сигурно биле пресреќни бидејќи Лидија ги слушала и, на крајот, и таа и сите нејзини домашни се крстиле! (Дела 16:13-15). Бидејќи во наше време многумина се одмораат во недела, зошто да не искористиме дел од овој ден за да им проповедаме?
2. Какви тешкотии имаат надминато Јеховините слуги за да можат непречено да проповедаат во недела?
2 Битката за право на проповедање во недела: Во 1927 год., Јеховините слуги беа поттикнати во неделите да одат барем некое време во служба на проповедање. Ова веднаш предизвика противење. Во САД, многумина беа уапсени поради прекршување на законите за денот на неделен одмор, поради нарушување на јавниот ред и поради продавање без дозвола. Но, Јеховините слуги не се откажаа. Во 1930-ите, тие организираа проповеднички акции во кои објавители од повеќе соседни собранија заедно обработуваа едно подрачје. Дури и кога властите ќе почнеа да ги апсат објавителите, не можеа да го запрат нивното проповедање затоа што беа премногу за да ги уапсат сите. Дали ги цениш жртвите што ги направија тие браќа за да можеме ние денес непречено да проповедаме во недела?
3. Зошто недела е добар ден за служба на проповедање?
3 Одличен ден за проповедање: Многу луѓе се дома во недела. Тогаш обично се поопуштени. Некои што на тој ден одат во црква можеби ќе бидат поспремни да разговараат за Бог. Ако имаме состанок во недела и веќе сме облечени соодветно и за служба, зошто да не планираме да проповедаме пред или по состанокот? Ако е потребно, би можеле да си понесеме лесен оброк.
4. Зошто е убаво дел од времето во недела да го користиме за служба на проповедање?
4 Ако за служба користиме дел од времето во недела, ќе ни остане време и за одморот што и нам ни е потребен. А освен што ќе се одмориме, ќе бидеме и исполнети затоа што сме учествувале во светата служба (Изр. 19:23). Можеби дури и ќе најдеме некој што ќе ја прифати вистината како Лидија, а тоа ќе ни донесе голема радост!