ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ни помогна да растеме каде и да бевме посадени
„РАСТИ таму каде што си посаден.“ Овој совет може да звучи малку чудно. Но, еден брачен пар од Шведска, Матс и Ан-Катрин, биле „посадени“ многупати. Во која смисла, и како им помогнал тој совет?
Матс и Ан-Катрин Касхолм биле на школата Гилеад во 1979 год. и, низ годините, биле „посадени“, односно добиле задача да служат во Заир, Иран, Маврициус, Мјанмар и Танзанија. И токму на Гилеад, од инструкторот Џек Редфорд, го чуле советот „расти таму каде што си посаден“. Тој совет многу им помогнал, зашто многупати биле „посадени“ и „пресадени“. Да видиме што имаат да ни раскажат.
Матс, ќе сакаш ли да ни раскажеш како ја дозна вистината?
Матс: Мојот татко, кој живеел во Полска за време на Втората светска војна, видел големо лицемерие во католичката црква. Сепак, често ќе речеше: „Мора да постои вистинска религија!“ Подоцна, се уверив дека постои. Честопати купував книги на старо. Меѓу нив беше и една сина книга со наслов Вистина која води до вечен живот. Насловот многу ме заинтересира. И за една ноќ ја прочитав целата книга. До утрото, знаев дека сум ја нашол вистината!
Од април 1972 год. па натака, прочитав многу публикации на Јеховините сведоци во кои најдов одговор на моите библиски прашања. Се чувствував како трговецот од споредбата на Исус кој, откако нашол еден скапоцен бисер, продал сѐ само за да го купи. Јас имав планови да стекнам универзитетско образование и да станам лекар, но „ги продадов“ за да го купам „бисерот“ кој го најдов — вистината (Мат. 13:45, 46). Се крстив на 10 декември 1972 год.
За помалку од година, моите родители и мојот помлад брат ја прифатија вистината и се крстија. Во јули 1973 год., почнав со полновремена служба. Меѓу ревносните пионери во нашето собрание беше една убава и духовна сестра по име Ан-Катрин. Се засакавме и се венчавме во 1975 год. Следните четири години живеевме во градот Стремсунд (Шведска), едно убаво место во кое многу луѓе сакаа да учат за Библијата.
Ан-Катрин: Татко ми ја дознал вистината кога бил апсолвент во Стокхолм. Јас сум имала само три месеци, но ме носел на состаноци и во служба. На мајка ми не ѝ се допаѓало тоа и сакала да докаже дека она што го велат Сведоците не е вистина. Но, не можела и по некое време и таа се крстила. Јас се крстив на 13 години, а на 16 станав пионер. Едно време служев во Умео каде што имаше поголема потреба од објавители и потоа станав специјален пионер.
Откако се зедовме со Матс, бевме радосни што можевме да им помогнеме на неколку луѓе да ја дознаат вистината. Една од нив беше Мајвор, тинејџерка која се откажа од спортска кариера и заедно со мојата помлада сестра почна да служи како пионер. Во 1984 год., тие две беа на Гилеад и сега служат како мисионери во Еквадор.
Имате служено на многу места. Како го следевте советот „расти таму каде што си посаден“?
Матс: Често бевме „пресадувани“ од една на друга задача. Но, се трудевме да останеме „вкоренети“ во Исус следејќи го неговиот пример најдобро што можевме, особено во поглед на понизноста (Кол. 2:6, 7). На пример, наместо да очекуваме од локалните Сведоци да се приспособат на нас, се трудевме да сфатиме зошто прават некои работи на одреден начин. Сакавме да ја разбереме нивната култура и нивниот начин на размислување. Каде и да служевме, колку повеќе се трудевме да бидеме како Исус толку повеќе се чувствувавме „како дрво посадено крај води што течат“ (Пс. 1:2, 3).
Често патувавме за да ги посетиме собранијата
Ан-Катрин: Откако едно дрво ќе биде пресадено, за да продолжи да расте, му требаат и топлина и светлина. Јехова секогаш беше „сонце“ за нас (Пс. 84:11). Тој ни даде прекрасно братство во кое владее љубов. На пример, во нашето мало собрание во Техеран (Иран) доживеавме гостољубивост како од библиски времиња. Сакавме да останеме во Иран, но во јули 1980 год., Јеховините сведоци официјално беа забранети и мораше да ја напуштиме земјата за 48 часа. Добивме задача да служиме во Заир (денешен Конго), во Африка.
Убави спомени од нашата служба во Заир (1982)
Кога дознав дека ќе служиме во Африка, многу плачев. Имав слушано дека во Африка има змии и болести, и тоа ме плашеше. Но, двајца наши блиски пријатели, кои долго служеа таму, ни рекоа: „Уште не отидени, вие се разочаравте! Пробајте! Ќе видите, ќе ја засакате Африка“. И навистина ја засакавме. Браќата и сестрите се многу топли и срдечни. Всушност, после шест години, кога требаше да го напуштиме Заир поради забрана, си се насмеав на самата себе бидејќи сфатив дека сега го молев Јехова да останеме во Африка.
Какви благослови сте доживеале низ годините?
Нашата „спална“ во Танзанија (1988)
Матс: Морам да ги спомнам пријателствата што ги склопивме со мисионери од разни земји. Исто така, на некои места водевме многу библиски курсеви — понекогаш и по 20 секој од нас! Тоа ни носеше огромна радост. Никогаш нема да ги заборавиме љубовта и гостољубивоста на браќата и сестрите од Африка. Кога ги посетувавме собранијата во Танзанија, ќе го паркиравме нашето Фолксваген комби покрај куќата на некои од браќата и сестрите, а тие ни покажуваа гостољубивост „и повеќе отколку што беа во можност“ (2. Кор. 8:3). Нешто што многу ни значеше е она што си го викавме „време за муабет“. На крајот од секој ден, Ан-Катрин и јас ќе си зборувавме како сме си поминале дента и ќе му се заблагодаревме на Јехова што е со нас.
Ан-Катрин: За мене, голема радост е тоа што можев да запознаам браќа и сестри од целиот свет. Научивме нови јазици, меѓу кои персиски, француски, луганда и свахили, а се запознавме и со интересни култури. Им помагавме на луѓето да го запознаат Бог, стекнавме вистински пријатели и заедно со нив му служевме на Јехова „рамо до рамо“ (Соф. 3:9, фус.).
Исто така, имавме можност да видиме голем број од Јеховините творби. Секојпат кога ќе прифатевме некоја нова задача во службата за Јехова, имавме чувство дека одиме на патување заедно со Јехова, нашиот водач. Од него научивме работи кои сами никогаш не би ги научиле.
Проповедаме на најразлични подрачја во Танзанија
Со кои проблеми се соочивте и како се справивте со нив?
Матс: Низ годините се заразивме со неколку тропски болести, меѓу кои и маларија, а Ан-Катрин имаше неколку итни операции. Освен тоа, бевме загрижени и за нашите остарени родители. Но, благодарни сме им на нашите родени браќа и сестри кои ја презедоа главната грижа околу нив. И тоа го правеа стрпливо, со радост и со љубов (1. Тим. 5:4). Сепак, понекогаш се боревме со негативни чувства бидејќи не можевме многу да им помогнеме од далеку.
Ан-Катрин: Во 1983 год., додека служевме во Заир, фатив колера и бев многу болна. Докторот му рече на Матс: „Како знаеш уште денес изнеси ја од земјата!“ Следниот ден веќе бевме на пат кон Шведска, но во товарен авион бидејќи немаше друг лет.
Матс: Мислевме дека тоа е крај на нашата мисионерска служба. Многу ни беше тешко и многу плачевме. Иако докторот мислеше дека Ан-Катрин нема да оздрави, таа закрепна. По година дена, се вративме во Заир, овојпат во едно мало собрание на свахили во Лубумбаши.
Ан-Катрин: Додека служевме во Лубумбаши, имав спонтан абортус. Иако не планиравме да имаме деца, многу тешко го поднесов тоа. Но, во тоа време на тага, Јехова нѐ благослови на еден неочекуван начин. Започнавме повеќе курсеви од кога и да било порано. За помалку од една година, собранието порасна од 35 на 70 објавители, а присутноста на состаноците од 40 на 220. Бевме многу зафатени во службата, и благословот од Јехова ни беше голема утеха. Но, и сега често размислуваме и си разговараме за нашето бебенце. Едвај чекаме да видиме како Јехова во потполност ќе ги излечи нашите срца.
Матс: Во еден период, Ан-Катрин се чувствуваше многу малаксано. Во исто време, мене ми беше дијагностициран рак на дебелото црево во четврта фаза и требаше да ми се направи поголема операција. Но, сега сум добро, а Ан-Катрин го дава своето најдобро во службата.
Сфативме дека не сме единствените што имаат проблеми. По геноцидот во Руанда во 1994 год., посетивме многу браќа и сестри во бегалски кампови. Нивната вера, истрајност и огромна гостољубивост за нас беа доказ дека Јехова има моќ да им помага на своите слуги во каква и да било неволја (Пс. 55:22).
Ан-Катрин: Во друга тешка ситуација се најдовме кога присуствувавме на свеченото отворање на подружницата во Уганда во 2007 год. По програмата, патувавме со една група од околу 25 мисионери и бетелци кон Најроби (Кенија). Некаде пред границата со Кенија, еден камион ненадејно влезе во нашата лента и удри директно во нас. Возачот и пет наши пријатели загинаа на лице место, а една сестра почина подоцна во болница. Со душа чекаме повторно да ги видиме нашите пријатели (Јов 14:13-15).
Со време, повредите на моето тело заздравеа. Но, Матс и јас, како и неколку други браќа и сестри, се боревме со посттрауматско стресно нарушување. Јас ноќе добивав напади на анксиозност и се будев со симптоми слични на срцев удар. Беше страшно. Но, многу ни помогна молитвата и утехата што ја црпевме од некои наши омилени стихови. Побаравме и стручна помош, што се покажа многу ефикасно. Сега симптомите се поподносливи и го молиме Јехова да им помага и на други кои се борат со анксиозност.
Кога ни раскажавте што ви помогнало во тешки ситуации, рековте дека Јехова ве носел „како живо јајце в рака“. Што значи тоа?
Матс: Овој израз доаѓа од една поговорка на свахили. Кога некој има живо јајце в рака, многу внимателно го носи. И Јехова се грижеше за нас со толкаво внимание на секоја наша задача. Секогаш го имавме она што ни беше потребно, па дури и повеќе. Еден начин на кој секогаш ги чувствувавме Јеховината љубов и поддршка беше кога гледавме колкаво разбирање покажува кон нас Водечкото тело.
Ан-Катрин: Сакам да ви раскажам една ситуација во која Јехова многу ни помогна. Еден ден ми јавија дека татко ми во Шведска е на интензивна нега. Матс само што закрепна од маларија. Немавме пари за да купиме авионски карти за да одиме дома и затоа решивме да ја продадеме колата. Но, тогаш добивме уште два телефонски повика. Прво, ни се јави еден брачен пар кој чул за нашата ситуација и сакаше да ни плати една карта. Потоа, ни се јави една постара сестра која си имала заштедено пари во една кутија на која напишала: „За некој што има потреба“. И така, за неколку минути, Јехова се погрижи да го имаме тоа што ни беше потребно! (Евр. 13:6).
За овие 50 години полновремена служба, што научивте?
На нашата нова задача во Мјанмар
Ан-Катрин: Сфатив дека ќе имаме сила ако ги зачуваме „мирот и довербата“ во Јехова. Кога имаме доверба во него, тој ги води нашите битки (Иса. 30:15; 2. Лет. 20:15, 17). На секоја наша задача му служевме на Јехова со сите сили. И, како резултат на тоа, добивме благослови кои не би ги добиле на ниеден друг начин.
Матс: За мене главната лекција беше да се потпирам на Јехова во секоја ситуација и да видам што ќе направи за мене (Пс. 37:5). И тој секогаш беше тука за мене, како што и ветил. И ден-денес го гледаме тоа додека му служиме во Бетелот во Мјанмар.
Се надеваме дека многу млади кои сакаат да прават повеќе во службата за Јехова ќе ја почувствуваат истата лојална љубов што тој ни ја покажа нам. Уверени сме дека ќе ја почувствуваат ако му дозволат на Јехова да им помогне да растат таму каде што се посадени.