Науката — постојана потрага на човештвото по вистината
„ЌЕ ЈА познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Овие често цитирани мудри зборови ги изговорил еден човек кого милиони луѓе го сметаат за најголемиот човек кој некогаш живеел.a Иако говорникот мислел на религиозната вистина, вистината во одредени погледи може да ги ослободи луѓето на било кое подрачје од животот.
Научната вистина, на пример, ги ослободила луѓето од многу погрешни идеи, како што се: Земјата е рамна, Земјата е центарот на вселената, топлината е течност наречена флогистон, загадениот воздух предизвикува епидемии и атомот е најмалата честица на материјата. Практичната употреба на научните вистини во индустријата, како и во областа на комуникацијата и транспортот, ги ослободила луѓето од непотребна тешка работа и до одреден степен од ограничувањата на времето и далечината. Научните вистини кои се применети во превентивната медицина и во здравството помогнале луѓето да се ослободат од прерана смрт или од морбидниот страв од болест.
Што е науката?
Според The World Book Encyclopedia, „науката го опфаќа широкото поле на човечко знаење кое се занимава со факти што се меѓусебно поврзани со принципи (закони)“. Се разбира, постојат различни видови науки. Книгата The Scientist тврди: „Теоретски, скоро секој вид знаење може да се претвори во наука, зашто по дефиниција, една гранка на знаењето станува наука кога се истражува во духот на „научниот метод“.
Затоа е донекаде тешко прецизно да се дефинира каде завршува една наука, а започнува друга. Всушност, според The World Book Encyclopedia, „во некои случаи, науките можат толку многу да се преклопуваат што се основале интердисциплинарни полиња кои комбинираат делови од две или повеќе науки“. Сепак, повеќето прирачници зборуваат за четири главни поделби: егзактни природни науки, биолошки науки, општествени науки и науката на математиката и логиката.
Математиката како наука? Да, без еднообразен метод на мерење, без можноста за одредување колку нештото е големо или мало, дали е многу или малку, колку е далеку или блиску, колку топло или ладно, не би било можно продуктивното научно истражување. Од таа причина, математиката е наречена „Кралица и Слугинка на науките“.
А во егзактните природни науки спаѓаат хемијата, физиката и астрономијата. Главни билошки науки се ботаниката и зоологијата, а општествените науки ги опфаќаат антропологијата, социологијата, економијата, политичките науки и психологијата. (Види ја рамката на 8. страница.)
Мора да се направи разлика помеѓу чиста наука и применета наука. Првата се занимава исклучително со научни факти и со самите принципи; втората — со нивната практична примена. Денес применетата наука е позната и како технологија.
Учење преку обиди и грешки
И религијата и науката претставуваат примери за желбата на човештвото да ја дознае вистината. Но постои значајна разлика во тоа како се бара религиозната вистина од една страна, а како се бара научната вистина од друга страна. Трагачот по религиозната вистина веројатно ќе се сврти кон Светото Писмо, Коранот, Талмудот, Ведите или Трипитака, во зависност од тоа дали е христијанин, муслиман, Евреин, Хиндус или будист. Таму ќе го најде она што според неговата религија се смета за откровение на религиозна вистина, кое можеби потекнува од некој божествен извор и затоа се смета за конечен авторитет.
Но, трагачот по научна вистина нема таков конечен авторитет кон кого би се обратил — ниту книга, ниту човек. Научната вистина не е откриена; таа се пронаоѓа. Тоа е систем од обиди и грешки, при кои трагачот по научна вистина често се наоѓа во едно бесплодно настојување. Но ако систематски следи четири чекора, неговата потрага ќе биде плодна. (Види ја рамката „Доаѓање до вистината по научен пат“.) Сепак, научните победи се прославуваат на урнатините од научните порази, а претходно прифатените гледишта се отфрлаат за да им направат место на новите кои се сметаат за поточни.
Покрај оваа метода на успех и неуспех, научниците во текот на столетијата собрале извонредно количество на научно спознание. Иако често не биле во право, биле во можност да исправат многу неточни заклучоци пред да се направи некоја сериозна штета. Всушност, сѐ додека неточното знаење останува во рамките на чистата наука, опасноста од нанесување на сериозна штета е минимална. Но кога се прават обиди чистата наука која е сериозно оштетена да се претвори во применета наука, резултатите можат да бидат катастрофални.
Земи ја за пример научната технологија која го овозможи развојот на инсектицидите. Тие многу се ценеа сѐ додека натамошните научни истражувања не открија дека некои од нив оставаат талози кои се штетни за човековото здравје. Во некои области близу Аралското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Узбекистан и Казахстан, воспоставена е врска помеѓу раширената употреба на таквите инсектициди со стапката на ракот на хранопроводот која е седум пати поголема од националниот просек.
Поради својата практичност, аеросол спрејовите станаа доста популарни — сѐ додека научните истражувања не покажаа дека тие придонесуваат за уништувањето на Земјиниот заштитен озонски слој, и тоа многу побрзо отколку што некогаш се мислело. Според тоа, потрагата по научна вистина е постојан процес. Научните „вистини“ од денешно време би можеле веќе утре да бидат погрешни, а можеби дури и опасни идеи од вчера.
Зошто науката треба да нѐ интересира
Науката и технологијата многу придонеле за создавањето на структурата на нашиот модерен свет. Фредерик Зајц, поранешен претседател на Националната академија на науките на САД, рекол: „Науката, која започна првенствено како авантура на умот, сега станува еден од главните столбови на нашиот секојдневен живот“. На тој начин, научното истражување станало синоним за прогресот. Ако некој се сомнева во најновите научни достигнувања, се става во опасност да биде жигосан како „антипрогресивен“. Сепак, она што некои го нарекуваат научен прогрес, за нив е она што го одвојува цивилизираното од нецивилизираното.
Тогаш не е ни чудно што британскиот поет од 20. век В. Х. Оден забележал: „Вистинските луѓе од акција во наше време, оние кои го преобликуваат светот, не се политичарите и државниците, туку научниците“.
Малку луѓе би порекнале дека на светот му треба преобликување. Но дали науката е дорасната за таа задача? Дали таа може да ги открие научните вистини кои се неопходни за да се бори со единствените предизвици кои ги наметнува 21. век? И дали тие вистини можат да се научат доволно брзо за луѓето да се ослободат од стравот пред една претстојна светска катастрофа?
Линус Паулинг, двократен носител на Нобелова награда, рекол: „Секој кој живее во светот, треба да има некакво разбирање за природата и последиците на науката.“ Со цел на нашите читатели да им посредуваме дел од тоа неопходно разбирање, ја нудиме серијата „Науката — Постојана потрага на човештвото по вистината“. Ве покануваме да го прочитате 2. дел во нашето следно издание.
[Фуснота]
a Христос Исус. Види ја книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, издадена во 1991 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка/слика на страница 7]
ДОАЃАЊЕ ДО ВИСТИНАТА ПО НАУЧЕН ПАТ
1. Набљудување што се случува.
2. На темел на тие набљудувања, се формира теорија за она што би можело да биде вистина.
3. Проверка на теоријата преку натамошни набљудувања и експерименти.
4. Се утврдува дали ќе се обистинат предвидувањата на темел на теоријата.
[Рамка/слики на страница 8]
ДЕФИНИРАНИ НАУКИ
АНТРОПОЛОГИЈА е наука што го проучува човекот од биолошка, општествена и културна гледна точка.
АСТРОНОМИЈА е наука која ги проучува ѕвездите, планетите и другите природни тела во вселената.
БИОЛОГИЈА е наука која се занимава со функционирањето на живите суштества и со класификација на растенијата и животните.
БОТАНИКА, една од двете главни гранки на билогијата, е наука која го проучува растителниот свет.
ХЕМИЈА е наука што се занимава со проучување на особините и составот на супстанциите и начинот на кои меѓусебно реагираат.
МАТЕМАТИКА е наука за броеви, множества, облици и односи.
ФИЗИКА е наука што ги проучува силите и особините како што се светлината, звукот, притисокот и гравитацијата.
ПСИХОЛОГИЈА е наука која го проучува човековиот ум и причините за човековото однесување.
ЗООЛОГИЈА, втората главна гранка на биологијата, е наука за животинскиот свет.