Младите прашуваат . . .
Што да правам со толку многу домашни задачи?
Изјавата: „Имам премногу за учење“, се наведува како една од најчестите причини за стрес кај младите луѓе
„Ако не си добро организиран, губиш многу време додека да одлучиш што треба понатаму да направиш“
‚НЕМАМЕ доволно време!‘ Така се жалеше една група средношколци. А која е причината за овој проблем? Домашните задачи и сето она што се бара во училиштето. „Часовите ми започнуваат во 8:00 наутро, а завршуваат во 5:30 попладне“, вели младата Вероника. „Додека дојдам дома, веќе е 6:30. Баш е тешко. Родителите мислат дека е прекрасно да си ученик. Тие не сфаќаат дека училиштето е заморно и напорно и дека, кога ќе дојдеме дома, уште нѐ чекаат и домашни задачи.“ Седумнаесетгодишната Сандрина додава: „За домашни задачи трошам по два до три часа навечер, плус викендите“.
Вероника и Сандрина живеат во Франција, каде што учениците имаат еден од најдолгите училишни денови во Европа. И учениците во многу други земји се чувствуваат напнато, незадоволно и преоптоварено поради тоа што толку многу им се одзема од времето. Изјавата: „Имам премногу за учење“, се наведува како една од најчестите причини за стрес кај младите луѓе.
Бидејќи во повеќето делови од светот е потешко од било кога порано да се најде вработување, многу млади луѓе увидуваат дека доброто образование е пресудно за нивната иднина во деловниот свет. Виолена, средношколка, вака го изразува тоа: „Можностите да се добие пристојна работа стануваат толку мали што денешната младина сфаќа дека ѝ преостанува само едно — ДА УЧИ!“
Нема доволно време?
Во секој случај, оние кои се добри ученици знаат колку време и енергија бара тоа. А ако си млад христијанин, тогаш мора да планираш време и за други работи: да ги посетуваш христијанските состаноци, да ја проучуваш Библијата и да ја споделуваш својата вера со другите (Јован 17:3; Римјаните 10:10; Евреите 10:24, 25). Библијата уште вели дека има ‚време за смеење‘ и за добар помин (Проповедник 3:1, 4; 11:9). Како повеќето млади, веројатно и ти сакаш да имаш барем малку време за рекреација и релаксација. Но можеби ти се чини дека учењето ти остава многу малку време за работите што треба да ги завршиш — а камоли за работите што сакаш да ги направиш.
Често, меѓутоа, проблемот не е само во недостигот на време. Едно неодамнешно истражување покажа дека две од главните причини зошто средношколците имаат проблеми со учењето се тоа што „лошо го користат времето“ и „им недостига организација“. Како што се изрази младиот Оливие, лошата лична организација не влијае само на оценките. Тој вели: „Ако не си добро организиран, губиш многу време додека да одлучиш што треба понатаму да направиш“. Тогаш, како можеш да се организираш?
Урамнотежен став спрема учењето
Пред сѐ, учењето мораш да го ставиш на неговото право место. Библијата ни вели ‚да се увериме во поважните работи‘ (Филипјаните 1:10, NW). И кога размислуваш околу тоа, што навистина треба да ти биде најважно во животот? Зарем не се тоа твоите духовни обврски? Впрочем, Исус им рекол на своите следбеници: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда“ (Матеј 6:33). Тоа значи да се даде предност на христијанските состаноци, на молитвата, проучувањето и на делото на проповедање на другите.
Дали тоа значи дека учењето е неважно? Во никој случај. Но како христијанин, твојата цел во образованието не треба да биде да се оспособиш за некоја световна кариера. Наместо тоа, треба да биде да стекнеш вештини кои ќе ти користат во твојата кариера како Божји слуга. Истовремено, ти се оспособуваш за да најдеш работа и да се издржуваш себеси, а еден ден можеби и семејство (1. Солунјаните 4:11, 12; 1. Тимотеј 5:8). Ако го имаш ова на ум, тоа ќе ти помогне да се трудиш во училиштето да го дадеш најдоброто од себе. Истовремено, треба да вложиш разумни напори да се одржиш духовно јак.
Може да биде вистински предизвик да ‚го откупиш поволното време‘ за духовни обврски, обврски во куќата, рекреација и учење, но тоа може да се постигне (Ефесјаните 5:15, 16).
Корисно е да се утврди план
Еден начин да го откупиш времето е да станеш поделотворен во начинот на кој учиш. Поглавје 18 од книгата Прашања од младите — Делотворни одговори (срп.) нуди повеќе корисни предлози.a На пример, си се обидел ли да развиеш план или да поставиш установен ред во учењето? (Спореди Филипјаните 3:16.)
„Без сомнение, највообичаена потешкотија при учењето“, пишува Хари Мадокс во својата книга How to Study, „едноставно е пропустот да се започне со редовна сконцентрирана работа“. Како е со тебе? Дали седнуваш да ја напишеш домашната кога си расположен за тоа — или кога тоа изгледа најприкладно? Проповедник 11:4 предупредува: „Кој го набљудува ветрот, нема да сее, и кој гледа во облаците, нема да жнее“.
Хари Мадокс понатаму забележува: „Сосем е лесно да изгубиш време. Ако не си наметнеш распоред, постои поголема веројатност времето кога треба да учиш да го поминеш во гледање телевизија, читање на некое списание, . . . или во вршење на било која од сто и едната работа која слабите ученици се поспремни да ја направат отколку да седнат да работат. Ако имаш план и имаш намера да се држиш за него, тогаш тој ја има истата сила како и законот кој мора да се слуша, па со текот на времето придржувањето кон него станува лесно, а ти почнуваш на него да гледаш како на природен дел од твојот живот“.
Ако своите училишни обврски ги извршуваш на добро организиран и дисциплиниран начин, веројатно ќе имаш на располагање повеќе време. Доброто планирање од твоја страна може исто така да ти помогне да ги спречиш конфликтите помеѓу извршувањето на училишните задачи и исполнувањето на своите христијански обврски, како што е присуствувањето на собраниските состаноци.
Организирај си го времето!
Што е со другите работи кои сакаш или мора да ги направиш, како што се обврските во куќата? И овде, клучот е организираноста. Обиди се да ги примениш следниве предлози:
Води список на работите што треба да ги направиш. Советничката за планирање на времето Стефани Винстон препорачува во секое време да се носи со себе џебен нотес. Користи го да ја забележиш „секоја идеја, задолжение, телефонски повик, план, задача или порака — голема или мала, повеќе или помалку важна — веднаш штом ќе се појави“. На прв поглед, списокот може да ти изгледа претрупан, но ако се применуваат следниве предлози, може да се сведе на поизводлив обем.
Направи список на приоритети. Ова ќе ти помогне да се сосредоточиш на работите што навистина треба да се направат. Истовремено, ќе можеш да ги елиминираш работите што можат да чекаат или кои едноставно немаш време да ги направиш.
Подготви распоред. Да, претвори го твојот список во план на дејствување — пишан распоред. Во таа насока може добро да ти послужи еден мал џебен календар, односно роковник. Наместо да ти ја скрати слободата, добро урамнотежениот план ќе ти овозможи да имаш подобра контрола над своето време.
Биди реалист. Испробај различни можности, па одреди кога е најдобро да вршиш одредени работи. На пример, можеби ќе откриеш дека е прикладно да го планираш пишувањето на домашната работа колку што е можно порано во денот, додека мозокот ти е свеж.
Сепак, сфати дека не мораш да го испланираш секој миг од својот живот. Нека планот ти биде флексибилен, да ти остава место за она што е неочекувано и спонтано. Ако е потребно, прилагоди го, но држи се за својот план колку што е можно повеќе. Запомни: Обично е најдобро да одредиш повеќе време отколку што ќе ти треба да завршиш одредена работа. Секогаш можеш да се прилагодиш ако завршиш порано.
Постави си свои рокови. Ова ќе ти помогне да ја избегнеш склоноста да чекаш до последна минута за нешто да направиш. Ако имаш некоја вежба за училиште, обиди се да поставиш датум кога ќе ја завршиш и тоа доволно пред датумот на којшто мораш да ја предадеш.
Дисциплинирај се да се држиш до својот план. Може да ти биде искушение да навратиш кај некој пријател кога треба да останеш дома да учиш за заклучни оценки. Но ако скржаво сееш кога е време за учење, подоцна можеш да пожнееш лоши оценки. (Спореди 2. Коринтјаните 9:6.) Освен тоа, обично повеќе ќе уживаш во слободното време ако си ја завршил својата работа. Едно корисно мото гласи: Прво работа, после забава.
За планирањето и организирањето ќе ти треба време, трпение и значителна мера на самодисциплина, но на христијаните им е речено во сите работи да покажуваат самосовладување (1. Коринтјаните 9:25). Ова начело може добро да се применува ако научиш да се придржуваш кон временскиот план. Резултатот може да биде задоволство дека нешто си постигнал, поголема контрола над својот живот и повеќе време за работите кои сакаш и кои мора да ги направиш.
[Фуснота]
a Објавено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 15]
Утврди си план за учење и придржувај се кон него