Вообичаени заблуди
Заблуда: Манијаците се обично непознати, растроени луѓе кои не се вклопуваат во својата средина, кои грабнуваат деца и користат физичка сила за да ги злоупотребат.
Во најголемиот број случаи — од 85 до 90 отсто според некои проценки — силеџијата е некој кого детето го познава и во кого има доверба. Наместо да користат сила, силеџиите често постепено го доведуваат детото до сексуални постапки, искористувајќи ги ограниченото искуство и способност за расудување на детото. (Спореди 1. Коринтјаните 13:11 и Изреки 22:16.) Ваквите силеџии не спаѓаат во калапот на чудни осаменици. Повеќето се доста религиозни, почитувани и доста сакани во средината. Според Федералното истражно биро на САД, „да се претпостави дека некој не е педофиличар само затоа што е фин, оди в црква, затоа што е вреден, љубезен спрема животните и така натаму, е апсурдно“. Поновите истражувања навестуваат дека исто така е погрешно да се претпоставува дека сите силеџии се машки или дека сите жртви се женски.
Заблуда: Децата фантазираат или измислуваат сексуално злоупотребување.
Под нормални околности, на децата им недостасува искуство или изопаченост во сексуалните работи за да измислуваат јасни тврдења за злоупотреба, иако некои мали дечиња можат да се збунат околу некои поединости. Дури и најскептичните истражувачи се согласуваат со тоа дека повеќето тврдења за злоупотреба се вистинити. Земи ја предвид книгата Sex Abuse Hysteria—Salem Witch Trials Revisited (Хистерија околу сексуалното малтретирање — Ново видување на судењата на вештерките од Салем), која се бави со лажни тврдења за злоупотреба.a Оваа книга признава: „Вистинската сексуална злоупотреба на деца е раширена и повеќето тврдења за сексуално малтретирање на децата . . . веројатно се оправдани (можеби 95% или повеќе)“. На децата им е многу тешко да пријават дека биле злоупотребени. И кога лажат за злоупотреба, тоа е најчесто за да порекнат дека таа се случила иако навистина се случила.
Заблуда: Децата се заводливи и често со своето однесување сами ја предизвикуваат злоупотребата.
Оваа идеја е особено изопачена бидејќи, во суштина, ја обвинува жртвата за злоупотребата. Децата немаат вистинско сфаќање за сексуалност. Воопшто немаат поим за тоа што таквата активност значи или како таа ќе ги промени. Затоа се неспособни за некакво свесно согласување. Исклучиво силеџијата, и никој друг, ја сноси вината за злоупотребата. (Спореди Лука 11:11, 12.)
Заблуда: Кога децата ќе ја откријат злоупотребата, родителите треба да ги поучат да не зборуваат за тоа и ‚да ја заборават‘.
Кој извлекува најголема корист ако детето молчи за злоупотребата? Зарем не е тоа силеџијата? Всушност, проучувањата покажале дека порекнувањето преку емоционално потиснување може да биде најлошиот начин за борба против траумата од злоупотреба. Од една студија спроведена во Англија помеѓу возрасни жртви, кои на девет различни начини се обидувале да излезат на крај со траумата, оние кои го порекнувале, избегнувале или потиснувале проблемот претрпеле поголемо емоционално пореметување и неволји на зрела возраст. Кога вие би доживеале ужасно малтретирање, дали би сакале некој да ви каже да не зборувате за тоа? Зошто тогаш да му се рече такво нешто на едно дете? Ако на детото му се дозволи нормално да реагира на таков ужасен настан — да жали, да се гневи, да тагува — му се дава прилика конечно да ја стави злоупотребата во заборав.
[Фуснота]
a Во некои судски случаи на развод, познато е дека обата брачни партнера како оружје користат обвинувања за злоупотреба на дете.