Да им се помогне на заразените од СИДА
„ПОГОДЕН од сида, свештеник наидува на затворени врати“, гласеше насловот на една статија во The New York Times. Весникот ја раскажа приказната на еден баптистички свештеник чија жена и две деца биле заразени со вирусот на сида преку трансфузија на крв која ѝ била дадена во 1982 (децата биле заразени во материцата). Поради болеста, нему и на неговото семејство не им било дозволено да посетуваат разни баптистички цркви. Разочаран, престанал да се обидува и ја напуштил баптистичката служба.
Незадоволството на овој човек поради пропустот на неговата црква покренува повеќе прашања: Дали Бог се грижи за болните луѓе, вклучувајќи ги и оние кои имаат сида? Како може да им се помогне? Какви мерки на претпазливост треба да се преземат кога им се дава христијанска утеха на оние кои имаат сида?
Божјата љубов за оние кои страдаат
Библијата покажува дека Семоќниот Бог има големо разбирање за оние кои страдаат. Кога бил на Земјата, и Исус покажал срдечна милост кон болните. А Бог му дал моќ да ги лекува луѓето од сите нивни болести, како што раскажува Библијата: „И дојде при Него многу народ, кој имаше со себе хроми, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исуса, и Он ги исцели“ (Матеј 15:30).
Се разбира, на никого на Земјата денес Бог му нема дадено моќ да ги лекува луѓето на чудесен начин како што ги лекувал Исус. Но библиското пророштво покажува дека наскоро, во Божјиот нов свет, „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Библијата ветува: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Поради својата огромна љубов спрема луѓето, Бог подготвил траен лек за сите болести, вклучувајќи ја и сидата.
Псалм 21:24 за Бог вели: „Он не ја презре ниту ја одби молитвата на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав“. Божјата љубов им стои на располагање на сите оние кои искрено го викаат на помош.
Кој го добива вирусот на сида?
Сидата е воглавно болест која се добива како последица на начинот на живеење. Кога ќе размислат за своето минато, многу заразени луѓе се согласуваат со Псалм 106:17, кој гласи: „Неразумните страдаа поради своите лоши патишта и поради неправдите свои!“
Кога некој ќе ги остави библиските мерила и се впушта во сексуална интимност вон Божјето уредување за бракот, ризикот да се добие сида, или да се заразат другите, станува многу реален. Исто така, кога поединци користат заеднички инјекции за интравенозно внесување на дрога, можат да се заразат со сида и да го пренесат вирусот на други. Освен тоа, многу луѓе добиле сида преку трансфузија на крв од заразени дарители.
Но, трагично е тоа што зачудувачки број невини луѓе се заразуваат со вирусот на сида, и тоа на повеќе начини. На пример, многу верни брачни другари, не по своја вина, добиваат сида преку сексуални односи со своите заразени брачни партнери. Потоа, особено во некои делови од светот, алармантен процент на бебиња го добиваат вирусот на сида од заразените мајки, со што новороденото бебе со сида е најтрагичната жртва. Исто така, медицински персонал или други биле заразени поради несреќни случаи додека работеле со заразена крв.
Без разлика на кој начин некој ќе добие сида, Библијата јасно кажува дека Бог не е одговорен за пренесувањето на оваа смртоносна болест. Иако поголемиот број од оние кои се заразени се самите одговорни за добивањето на сида и што заразиле други со постапки кои не се во согласност со библиските мерила, процентите се менуваат и покажуваат поголеми бројки на невини жртви, како бебиња и верни брачни партнери.
Светската здравствена организација наведува дека сега, ширум светот, жените се заразуваат со вирусот на сида толку често колку и мажите и дека до 2000-та година, поголемиот дел заразени ќе бидат жени. Здравствените работници во Африка велат дека таму 80 отсто од случаите на сида „се пренесени преку хетеросексуални односи и дека скоро сите други се пренесени на детето преку мајката во текот на бременоста или раѓањето“.
Меѓутоа, иако Бог е против било какво престапување на неговите закони, вклучувајќи и престапи кои доведуваат до такви страдања, тој брзо им ја подава својата милостива рака на сите оние кои страдаат на таков начин. Дури и оние кои добиле сида преку грешни постапки можат да извлечат корист од Божјата милост така што ќе се покајат и ќе престанат да чинат зло (Исаија 1:18; 1. Коринтјаните 6:9-11).
Она што е моментално познато
Сидата е светски здравствен проблем. Иако научниците ги уверуваат луѓето дека „ХИВ не е вирус кој лесно се пренесува“, тоа е мала утеха за милионите кои веќе го имаат и за безбројните милиони кои ќе го добијат во наредните години. Фактите покажуваат дека тој се шири по целата Земја.
Резимирајќи ги вообичаените методи на пренесување, една публикација вели: „Практично сите заразувања со ХИВ се пренесени преку сексуален контакт или преку изложеност на инфицирана крв“. Одразувајќи ги заклучоците на повеќето медицински лица, еден извештај наведува: „За да настане инфекција, мора да постои влевање на телесна течност (скоро секогаш крв или сперма) од едно заразено лице во телото на незаразеното лице“.
Меѓутоа, фразите „скоро сите“ и „скоро секогаш“ ја признаваат можноста за исклучоци. Според тоа, иако огромното мноштво механизми за пренесување на сида се познати во медицинската област, во многу мал процент случаи, механизмот за добивање на вирусот може да биде непознат. Затоа, може сѐ уште да постои потреба од претпазливост.
Како ќе реагирате?
Околу 12 до 14 милиони луѓе ширум светот веќе се заразени со вирус на сида, а се проценува дека уште многу милиони ќе бидат заразени до 2000-та година. Затоа, можеби веќе сте дошле или наскоро ќе дојдете во контакт со оние кои ја имаат оваа болест. На пример, во секој голем град, секојдневно се среќаваат такви луѓе на работно место, во ресторани, театри, спортски сали, автобуси, метроа, авиони и возови, како и на други јавни места.
Затоа, христијаните сѐ повеќе ќе се среќаваат со такви и ќе бидат поттикнати да им помогнат на жртвите на сида кои сакаат да ја проучуваат Библијата, да присуствуваат на христијанските состаноци и да напредуваат до предание на Бог. Како треба христијаните да реагираат на таквите потреби на жртвите од сида? Постојат ли мерки на претпазливост кои би биле практични во корист на жртвата и во корист на оние од христијанското собрание?
На темел на сегашното општо мислење, вообичаените контакти не ја пренесуваат сидата. Затоа, не е разумно некој неоправдано да се плаши да биде во друштво со заразени од сида. А бидејќи оние кои имаат сида се со многу ослабен имунолошки систем, треба да бидеме внимателни тие да не се заразат од некои вообичаени вирусни заболувања кои можеби ние ги имаме. Штетата од таквите обични болести за нивното тело може да биде огромна.
Затоа што сидата е опасна по живот, мудро е да се имаат на ум неколку разумни мерки на претпазливост кога во нашето приватно друштво или во христијанското собрание ќе пречекаме некој кој има сида. Прво, иако нема потреба да се даде општо известување, би требало да информираме еден од собраниските старешини за ситуацијата за да може да даде љубезен и соодветен одговор на секој што ќе се интересира за тоа.
Бидејќи вирусот може да се пренесе преку крвта на заразеното лице, разумно би било собранијата да преземат таканаречени општи мерки на претпазливост кога ги чистат клозетите и ѓубрето, посебно ако во него има крв. „Општи мерки на претпазливост“ е израз присвоен од медицинската терминологија за опишување на одредена збирка правила при што сета крв на секое лице се смета за контаминирана и потенцијално опасна, па според тоа со неа треба да се постапува на специфичен начин. Бидејќи Салата на Царството е јавен објект, би било мудро да се има на располагање средства за чистење со една кутија со латекс или поливинилни ракавици за исправна нега и чистење во случај на несреќа. Обично за чистење на истурена крв се препорачува белило со 10-процентен раствор (хлор).
Во сите наши контакти со другите, вклучувајќи ги и жртвите од сида, христијаните се поучени да го следат примерот на Исус. Сочувствителниот став што тој го имал кон оние кои страдале, а сепак биле искрени во својата желба да му угодуваат на Бог, вреди да го имитираме. (Спореди Матеј 9:35-38; Марко 1:40, 41.) Меѓутоа, бидејќи моментално нема лек за сида, прикладно е христијанинот да преземе разумни мерки на претпазливост додека сочувствително им помага на оние кои се заразени од неа (Изреки 14:15).
И жртвите од сида можат да помогнат
Болниот од сида кој е разумен сфаќа дека другите се осетливи на таа болест. Затоа, од почит спрема чувствата на оние кои сакаат да помагаат, би било подобро за жртвата на сида да не биде иницијатор на јавни изрази на наклоност како што се гушкање и бакнување. Дури и да постои мала или никаква веројатност дека таквите гестови би можеле да ја пренесат болеста, ова воздржување ќе покаже дека жртвата е обѕирна спрема другите, а со тоа, за возврат, поттикнува на слична обѕирност.a
Сфаќајќи дека многумина имаат страв од некој непознат, лицето со сида не треба лесно да се навредува ако тој или таа не е веднаш поканет во приватните домови или ако се чини дека родителот го ограничува детото да биде во близок контакт со него или неа. А ако една собраниска студија на книга се одржува во Салата на Царството на Јеховини сведоци, може да биде мудро за лицето со сида да избере да оди таму, а не во приватен дом, освен ако разговарал за состојбата со домаќинот.
Носителите на сида треба исто така да покажуваат претпазлива обѕирност кон другите кога, на пример, имаат активна кашлица и се знае дека имаат туберкулоза. Тогаш ќе треба да применат општи здравствени прописи за таа состојба, во врска со постапките на изолација.
Друга ситуација во која некое невино лице може да се зарази е ако се ожени со некој кој не знае дека го носи вирусот на сида. Потребата од претпазливост во таквите околности можеби е особено неопходна ако едниот или обајцата идни брачни партнери имале повеќе сексуални партнери или употребувале инјекции за злоупотреба на дрога пред да дојдат до точно спознание за Божјата Реч. Бидејќи сѐ поголем е бројот на луѓето кои имаат асимптоматична инфекција со ХИВ (тоа ест, без никакви надворешни симптоми), не би било неисправно за некој поединец или за заинтересираните родители да бараат идниот брачен другар да направи сида тест на крвта уште пред свршувачката или пред бракот. Поради опустошувачката, смртоносна природа на оваа болест, потенцијалниот брачен партнер не треба да се навреди ако тоа се бара од него.
Ако тестот е позитивен, неисправно би било заразената страна да врши притисок врз потенцијалниот партнер за да ја продолжи врската или свршувачката ако партнерот сака веднаш да ја прекине. А би било мудро секој, кој претходно водел многу ризичен живот, бил промискуитетен или интравенозно користел дрога, да одлучи на своја иницијатива да биде тестиран пред да започне со некаква врска. На тој начин, можат да се избегнат повредени чувства.
Според тоа, како христијани ние сакаме сочувствително да постапуваме, а не да ги избегнуваме луѓето кои имаат сида, но сфаќаме дека чувствата на секој поединец можат да бидат различни во врска со оваа осетлива тема (Галатјаните 6:5). Бидејќи за оваа болест не се знае сѐ, многумина можеби се несигурни како да реагираат по ова прашање. Урамнотежено гледиште за оваа тема би било следново: Да се пречекуваат жртвите на сида во христијанското собрание и да им се покажува љубов и срдечност, додека истовремено се преземаат разумни мерки на претпазливост за заштита од оваа болест на самиот себе и на твоето семејство.
[Фуснота]
a Што треба да прави некој кој знае дека тој или таа има сида, а сака да стане Јеховин сведок и да се крсти? Од почит спрема чувствата на другите, можеби е мудро тие да бараат приватно крштевање, иако не постојат докази дека сидата се пренесува во базен за пливање. Додека многу христијани од првиот век биле крстени на големи јавни собири, други биле крстени во поприватни места поради некои околности (Дела 2:38-41; 8:34-38; 9:17, 18). Друга алтернатива е кандидатот за крштевање последен да се крсти.
[Рамка на страница 22]
Ми падна жал за неа
Еден ден, додека сведочев на улица, ѝ пристапив на една млада жена на околу 20 години. Нејзините големи кафеави очи изгледаа многу тажни. Се обидов да започнам разговор за Божјето Царство и ѝ понудив еден од трактатите што ги држев в рака. Без колебање, таа го одбра трактатот Утеха за потиштените. Погледна во трактатот, а потоа во мене, и со нејасен глас рече: „Сестра ми штотуку умре од сида“. Пред да завршам со изразувањето на сочувство, таа рече: „И јас умирам од сида, а имам две мали деца“.
Ми падна жал за неа, и од Библијата ѝ прочитав за иднината што Бог ја ветува на човештвото. Таа одвај проговори: „Зошто Бог сега би се грижел за мене кога јас никогаш не сум се грижела за него?“. Ѝ реков дека со проучување на Библијата, би можела да разбере дека Бог го прима секој кој искрено се кае и има доверба во него и во откупната жртва на неговиот Син. Таа одговори: „Знам која сте Вие. Вие сте од Салата на Царството што се наоѓа на оваа улица — но, дали некој како мене би бил добредојден во вашата Сала на Царството?“ Ја уверив дека би била.
Кога на крајот продолжи по својот пат, држејќи ја книгата Библијата — Реч Божја или човечка? и нејзиниот трактат, си помислив: ‚Би сакала да ја најде утехата што само Бог може да ја даде‘.