Го набљудуваме светот
Боговите на дождот изневеруваат
Соочена со тешка суша, владата на државата Андра Прадеш во југоисточна Индија неодамна прибегна кон една необична тактика за предизвикување на дожд. Според списанието India Today, владата на државата го субвенционирала „древниот ведски ритуал на смирување на боговите на дождот“. Министерот на верските храмови заклучил: „Бог ќе ни дојде на помош“. Свештеници од 50 избрани храмови 11 дена ги вршеле ритуалите. Со каков резултат? India Today известува: „Боговите очигледно не беа импресионирани. . . . Бидејќи религијата не успеа, владата сега одлучи да примени еден научен метод. Таа презеде одредени мерки да создаде вештачки дожд“ преку еден експеримент со хемиски средства за да предизвика врнежи.
Корупција и исповед
Двајца италијански писатели, претставувајќи се како политичари или бизнисмени, замолиле десеттина католички свештеници да им ги простат гревовите поради корупција. После тоа го објавиле она што во исповедницата им го рекле свештениците. Весникот La Repubblica известува: „Црквата смета дека [писателите] извршиле осквернување, и веќе се нападнати и веројатно екскомуницирани поради тоа“. Но весникот додава дека тие лажни исповеди „ја покажуваат вистинската збрканост, недораснатост и попустливост на добар дел од 36.000 италијански свештеници, кои често пати како да се позаинтересирани за сексуалните отколку за општествените гревови“. Пино Никотри, еден од писателите, открил дека од 49 свештеници на коишто им се „исповедал“, само еден не сакал да му го прости гревот и му рекол да го пријави својот прекршок кај властите. La Repubblica коментираше: „Што се однесува до другите свештеници, или митото не е грев или, пак, не е потребно да се оди кај судија, бидејќи поважно е да се побара простување од Бог“.
Изградувачките искуства помагаат да се зачува здравјето
„Силниот стрес и емоционалните проблеми ја намалуваат отпорноста на телото, додека радоста и задоволството го стимулираат имунолошкиот систем и ја зајакнуваат отпорноста спрема болестите.“ На тој начин, германскиот весник Nassauische Neue Presse ги сумира доказите собрани од новата наука — психонеуроимунологија. Негативните влијанија на работното место и дома ја намалуваат отпорноста на телото. Од друга страна, според д-р Антон Маер, професор и микробиолог, позитивните емоции и искуства имаат зајакнувачко влијание. Тој наведе неколку примери: „Верата, надежта, љубовта, довербата, сигурноста, комуникацијата, позитивниот стимул во животот, рекреацијата — и волјата за живот и добро здравје“.
Светски здравствен извештај
Во својот осми извештај за здравствената состојба во светот, Светската здравствена организација прикажа една тмурна слика на сеопштата борба против болеста, и наведе: „Се чини дека беснеат тропските болести, колерата за првпат во ова столетие се шири во обете Америки, епидемии на жолта и на денга треска погодија уште поголем број луѓе, а состојбата со маларијата се влошува . . . Пандемијата на сида се шири во светски размери . . . се шири туберкулозата на белите дробови . . . За првпат, во земјите во развој, бројот на случаите на рак го надминал оној од развиените земји. Бројот на заболените од дијабетис насекаде расте“. Опфаќајќи го временскиот период од 1985 до 1990, извештајот покажува дека 46,5 милиони од 50 милиони смртни случаи секоја година се должат на болести и заболувања и дека скоро 4 од 140 милиони бебиња кои се раѓаат секоја година умираат за неколку часа или дена од нивното раѓање. Секоја година се јавуваат по седум милиони нови случаи на рак, а преку еден милион луѓе секоја година се заразуваат со ХИВ кој предизвикува сида. Сепак, одредени детски заболувања, како сипаниците и црната кашлица, се намалуваат, а животниот век се зголемил од една до две години. Светскиот просек сега е 65 години.