Може ли среќата да се купи со богатство?
ОЧИГЛЕДНО, тоа што луѓето имаат повеќе пари не ги прави посреќни. Списанието Psychology Today вели: „Кога еднаш ќе ја премине границата на сиромаштвото, порастот на приходот има неверојатно мала врска со личната среќа“.
Тоа беше потврдено со еден некролог во New York Times од 29 октомври 1993, со наслов: „Дорис Дјук, 80, наследничка чие големо богатство не можеше да ѝ купи среќа, умре“. Статијата навела: „Доцна една вечер, во Рим, во 1945, госпоѓица Дјук, која тогаш имала 33 години, на еден пријател му рекла дека нејзиното огромно богатство е на некој начин бариера за нејзината среќа“.
„Сите тие пари понекогаш се проблем“, му се доверила Дјук на пријателот. „Кога ќе излезам со некој маж неколку пати, тој почнува да ми кажува дека многу ме сака. Но како да знам дека навистина го мисли тоа? Како воопшто да бидам сигурна?“ Times наведе: „Нејзините зборови таа ноќ покажале дека нејзиното богатство многу влијаело, па дури оставило белег врз нејзиниот живот“.
Слично на тоа, Жан Пол Гети, некогаш познат како најбогатиот човек на светот, рекол: „Парите не се неминовно поврзани со среќата. Можеби со несреќата“. И Џејн Фонда, славна холивудска артистка, која во текот на 1970-тите години добивала по половина милион долари од филм, рекла: „Го пробав вкусот на богатството и на сите материјални работи. Тие не значат ништо. Со секој базен за пливање оди по еден психијатар, а да не зборувам за разводите и за децата кои ги мразат своите родители“.
Иако самото богатство никогаш нема да донесе среќа, тоа не може да го стори ни бедното сиромаштво. Затоа, еден мудар човек многу одамна рекол: „Сиромаштија и богатство не ми давај“ (Изреки 30:8, 9). Еден друг библиски запишувач забележал дека она што му е потребно некому за да биде среќен е да биде „благочестив [оддаден на Бог, НС] и задоволен со себеси. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:6-10).