Младите прашуваат . . .
Зошто да се зборува за Бог?
„Секој си има своја религија. Не треба да го наметнуваш својот Бог на другите луѓе“ (Рашиш, 14-годишник од Гвајана).
„Се колебам да зборувам за Бог бидејќи се срамам да не ме исмејуваат поради тоа“ (Рохан, 17-годишник од Гвајана).
„Би требало да зборуваме за Бог затоа што тој е нашиот Творец и нему му го должиме животот“ (Марко, 13-годишник од Германија).
ВНИМАТЕЛНО слушај додека група млади луѓе разговараат и најверојатно ќе дојдеш до следниов жалосен заклучок: меѓу поголемиот дел од младите Бог воопшто не е најомилената тема за разговор. Спомени нешто за спорт, за облека, за најнови филмови или за спротивниот пол, и најверојатно ќе започне една жива дискусија. Но, само ако се осмелиш да го споменеш Бог, веднаш ќе се создаде една непријатна тишина, густа како магла.
Некои млади луѓе едноставно не веруваат во Бог. Можеби си мислат дека, бидејќи не можат да го видат, тој сигурно не постои, а да се зборува за него е само губење на време. Сепак, меѓу младите луѓе атеистите дефинитивно се во малцинство. Според една Галупова анкета, околу 95 отсто од младите во САД веруваат во Бог. Всушност, Галуп заклучил: „За повеќето млади луѓе, Богот на нивното верување не е некакво нејасно апстрактно начело, туку личен Бог кој внимава на нивните постапки и во согласност со нив ги наградува или ги казнува“. Тогаш, зошто толку многу млади луѓе се колебаат да зборуваат за она што го веруваат?
Зошто некои се воздржуваат?
Многумина едноставно мислат дека е непристојно да се зборува за верата и дека религиозните мислења треба да се чуваат за себе. Некои млади се срамат од самата помисла да зборуваат за Бог. Си мислат: ‚Па тоа не е така популарно‘.
Без разлика какво е гледиштето на твоите врсници, каде стоиш ти во овој поглед? Тоа прашање е особено важно ако си воспитуван како Јеховин сведок. Зошто? Затоа што сведочењето, односно зборувањето на другите за Бог, е суштински дел на таа религија! (Исаија 43:9, 10; Матеј 24:14).
И покрај тоа, обесхрабрени од непријателствата со кои повремено се соочуваат, некои млади Сведоци се воздржуваат од јавното дело на сведочење — или учествуваат во него само затоа што се наговорени од своите родители. Други учествуваат во тоа дело, но потајно се надеваат дека никој од школските другари нема да ги види како го прават тоа. Во училиште некои се обидуваат во тајност да ги чуваат своите религиозни убедувања. Тоа е најчесто поради стравот од исмејување од страна на сокласниците. „Се плашев да зборувам за Бог“, признава младиот Рајан, „затоа што моите другари ќе ми ставаа прекари, а јас немав храброст да го продолжам разговорот“.
Потоа, има и такви кои се воздржуваат затоа што се плашат дека не можат да живеат потполно во согласност со библиските мерила. Чувствувајќи ја примамливоста на „желбите на младоста“, мислат дека би било најдобро да не се идентификуваат како христијани во случај да направат нешто погрешно (2. Тимотеј 2:22).
Некои не зборуваат за Бог затоа што едноставно се чувствуваат недостатни. Деветнаесетгодишниот Вилтон се изразил вака: „Ми беше тешко да им зборувам за Бог на колегите на работа, затоа што мислев дека не сум способен да го одбранам тоа што сум го рекол за него. Мислев дека ако бидат оспорени моите верувања, не би можел да дадам задоволителен одговор“.
Христијанска обврска
Дали и ти си се воздржувал од слични причини да зборуваш за Бог? Ако да, не си единствен. И други млади се бореле со истите чувства. Меѓутоа, многу од нив сфатиле дека, и покрај сите работи кои можат да обесхрабрат, постојат добри причини за да разговараме со другите за Бог. Кои се некои од нив?
Младиот Марко, кој беше споменат во почетокот, добро се изразил кога рекол дека Бог „е нашиот Творец и нему му го должиме животот“ (Откровение 4:11). Да, животот е скапоцен дар. Псалмистот рекол за Бог: „Во Тебе е изворот на животот“ (Псалм 35:9). Бидејќи си го добил тој дар, зарем не треба да покажеш благодарност за него?
Еден начин да покажеме благодарност е да го славиме Јехова Бог пред другите. Тој ги создал Сонцето, Месечината, дождот, воздухот што го дишеме и храната што ја јадеме (Дела 14:15-17). „Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора“, рекол ученикот Јаков (Јаков 1:17). Дали му благодариш на Бог за тие дарови? (Колосјаните 3:15). Има ли подобар начин да ја изразиш твојата благодарност од тоа да зборуваш за Бог? (Лука 6:45).
Но, во суштина, Бог ни заповеда да зборуваме за него. Неговиот Син, Исус Христос, им заповедал на христијаните: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28:19, 20). Младите не се исклучени од одговорноста да учествуваат во тоа дело. Псалмистот заповеда: „Фалете го Господа . . . момчиња и девојки, старци со децата — сите нека го фалат името на Господа; зашто само Неговото име е возвишено; Него Го фалат на небото и на земјата“ (Псалм 148:7, 12, 13). Но не мораш да гледаш на оваа задача како на товар. Во суштина, тоа е предност — можеш да бидеш ‚соработник на Бога‘ (1. Коринтјаните 3:9).
Што ако едноставно не се чувствуваш способен за тоа? Во библиско време пророкот Јеремија го чувствувал истото. „О, Господи Боже“, рекол тој. „Не умеам да говорам, зашто сум уште млад.“ А како одговорил Јехова? „Не вели: — млад сум; — зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и сѐ, што ќе ти заповедам, ќе кажеш“ (Јеремија 1:6, 7). Со Јеховина помош Јеремија го правел тоа цели 40 години!
Истото важи и за христијаните денес; „нашата способност доаѓа од Бога“ (2. Коринтјаните 3:5). Дури и ако по природа си срамежлив или повлечен, Бог може да ти помогне да собереш храброст да зборуваш. Во христијанското собрание постојат подготовки кои можат да ти помогнат да бидеш ‚способен‘ како учител на Божјата реч. Ако мислиш дека ти е потребна лична помош, зошто да не разговараш за тоа со еден од собраниските старешини? Можеби е во прашање да направиш само план за лично проучување на Библијата или заеднички да соработуваш со некој кој е поискусен.
Она што можеш да го постигнеш
Зборувањето за Бог може да ти даде вистинско чувство дека си постигнал нешто. Како прво, повеќето твои врсници бараат одговори и всушност очајнички бараат помош. Им недостига водство и немаат никаква јасна визија за иднината. Тие се прашуваат: ‚Зошто сме овде? Каде одиме? Зошто светот е толку полн со неволји?‘ Како христијанин, ти ги имаш одговорите и, најверојатно, си во најдобра положба да им го пренесеш таквото спознание на своите врсници. Можат да ти се обратат и веројатно повеќе би сакале да разговараат со некој на нивна возраст отколку со некој возрасен.
Вистина, понекогаш ќе бидеш одбиен. Но, можеби ќе наидеш и на поединци кои се приемливи за библиската вест. Една млада девојка Сведок седела во автобус и го читала својот личен примерок од книгата Questions Young People Ask—Answers That Work (Младите прашуваат — делотворни одговори)a. Момчето кое седело до неа, почнало да чита. „Ова е прекрасна книга!“, извикало момчето. „Оваа книга многу зборува за Бог. Повеќето луѓе не се заинтересирани за религијата.“ Младата девојка Сведок го искористила тоа како прилика да води еден опширен разговор во врска со Божјето име.
Се разбира, кога ќе се изјасниш како христијанин, должен си да се однесуваш како таков (1. Петрово 2:12). Но доброто христијанско однесување само ќе ја зголеми веродостојноста на твојата порака. Размисли за искуството на еден младич по име Ерик. Тој бил импресиониран од доброто однесување на младите Сведоци во неговото училиште. Тоа го подбудило неговиот интерес да дознае повеќе за Бог. Со него била започната библиска студија и денес тој е крстен христијанин кој служи во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Њујорк.
Зборувањето за Бог може да ти помогне и тебе! Може да ти служи како заштита. Кога твоите пријатели знаат дека ти си Јеховин сведок, многумина од нив ќе те почитуваат. Ќе бидат помалку склони да вршат притисок врз тебе да се впуштиш во погрешно постапување кога ќе увидат дека имаш високи морални мерила и ќе знаат дека најверојатно ќе им дадеш сведоштво како одговор на тоа.
Се разбира, тоа не значи дека секојпат кога ќе прозбориш нешто мораш да цитираш библиски стихови. Ти и понатаму ќе се интересираш за спорт, облека или музика и ќе сакаш одвреме навреме да зборуваш за такви работи. Но запомни: „Од преполнето срце прикажува устата“ (Матеј 12:34). Ако љубовта кон Бог навистина се наоѓа во твоето срце, сигурно е дека ќе сакаш да зборуваш за него. Во едно од следните изданија, ќе дискутираме за некои од начините на кои ќе можеш делотворно да го правиш тоа.
[Фуснота]
a Издадена од Watch Tower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 15]
Дали се срамиш кога твоите школски другари ќе те видат во јавното дело на сведочење?