Семинари за подобрување на односите помеѓу лекарите и Јеховините сведоци
БОЖЈИОТ закон им забранува на христијаните да земаат крв на кој и да било начин (Дела 15:28, 29). Послушноста спрема тој закон понекогаш доведувала до недоразбирања поради кои христијаните биле лишени од расположливо и делотворно алтернативно медицинско постапување со нивните здравствени проблеми.
За да им помогнат на лекарите подобро да ги разберат и да ги лекуваат без употреба на крв, Јеховините сведоци формирале една корисна контактна служба. Водечкото тело на Јеховините сведоци основало Служба за болнички информации (HIS) во Бруклин, Њујорк, за оспособување на одбрани старешини Сведоци за да работат во Одборите за контактирање со болници (HLC). Направено е медицинско истражување и резултатите се изнесени на семинарите на HLC. Потоа, тие информации им се презентираат на лекарите и на здравствените центри. Исто така, во настојувањето да се избегне конфронтација, можат да се договорат консултации и со други искусни лекари.
Дали оваа програма била успешна? Дали информациите кои биле изнесени биле навистина корисни? Како реагирале лекарите на нив? Следниве мисли од еден лекар, кој присуствувал на еден неодамнешен семинар на HLC, се информативни и уверливи.
„Се надевам дека овие впечатоци ќе ви бидат јасни и корисни.
Прво, дозволете ми да Ви кажам дека за мене беше предност што бев повикан да присуствувам на вториот семинар на Одборот за контактирање со болници што го одржаа членови на персоналот од Службата за болнички информации, кои дојдоа од седиштетото на Јеховините сведоци во Њујорк. Моите очекувања во врска со овој состанок не само што беа исполнети туку и надминати. Уводните зборови на претседавачот ѝ го дадоа главниот карактер на дводневната програма. Тој нагласи дека HLC не е само механизам кој одговара на потребите на болните Сведоци во текот на нивниот престој во болница. Одборот дава златна прилика да се разоткријат митовите за Сведоците, во кои обично веруваат јавноста и лекарите, болничката администрација и другиот медицински персонал.
Многумина од овие луѓе се изненадени кога дознаваат дека по своите медицински верувања, Јеховините сведоци воопшто не се како Христијанските научници. Сведоците не застапуваат некакво ‚право да умрат‘ ниту се обидуваат да станат маченици. Прашањето за крвта не е некакво организациско начело, туку искрено лично убедување. Таквите откритија ги нагласуваат воспитните цели на HLC. Да, колку и да изгледа необично, дури и лекарите можат да учат, и имаат многу да научат за бескрвните медицински алтернативи. Постојано се восхитувам на опсегот и на длабочината на истражувањето што се изнесува преку оваа подготовка, а од кое поголемиот дел секако е ново за мене. Образовните функции на HLC не престануваат овде. Тие продолжуваат до управниците на болниците, до социјалните служби, па дури и до правните и судските службеници.
Одборите вложуваат огромни напори за да пронајдат, да контактираат и да добијат помош од лекарите кои се спремни да соработуваат според уверувањата на Сведоците. Се разбира, тоа оди подалеку од кругот на лекарите, бидејќи HLC гради работни односи со болниците, со здравствените работници, со правниците, како и со судиите. Можеби најистакнатата порака што треба да се изнесе е дека Јеховините сведоци се разумни луѓе, а не фанатици, и дека тие само бараат прифатливи алтернативи за крв. . . . Постојат значајни опасности при употребата на крв, и HLC сигурно исполнува одредена функција во разоткривањето на овие опасности и во истакнувањето на потенцијалните ризици од примената на крвта и на крвните производи во медицинските кругови.
Постојано сум изненаден од информациите кои Службата за болнички информации и Друштвото Стражарска кула му ги даваат на HLC. Но како што може да потврди секој наемник, дословно секоја работа може да се изврши ако се дадени исправни алатки. . . . Бев воодушевен кога слушнав за подготовките кои сега функционираат за да се одговори брзо и делотворно, практично, на секој итен случај. Секој член на HLC е оспособен да добие битни демографски информации, брзо да го оцени ставот на лекарите и на болниците и прецизно да го процени степенот на итност и потенцијалната закана со правна постапка од страна на болниците, како што се судските налози за трансфузија.
Испитавме како да се разјаснат потребите и желбите на Сведоците пациенти, како да се постапува со роднините кои не се соверници, дури и како да се остават некои лекари а пациентот да се префрли во друга медицинска установа која е попресретлива за потребите на Сведокот. Беше истакната меѓусебната комуникација на HLC со медиумите и беа дадени упатства, со што повторно беше нагласена првенствената цел — Сведоците не одбиваат секаква медицинска нега, туку само крв. Ова може грубо да се спореди со одбивањето на еден предаден католик да се согласи на абортус, но не и на секаков хируршки зафат.
Членовите на одборите за контактирање со болници се оспособени да одговорат на многу вообичаени прашања од страна на болниците и лекарите, а повремено дури и од самите Сведоци. Тоа би можело да ги вклучи прашањата како што се примањето на имуноглобулини или албумин, употребата на криопреципитати или медицински техники како што се хемодилуција, вонтелесна циркулација, спасувач на клетки или хемодијализа.
Уживав во една прекрасна дискусија во врска со правните размислувања кои се вклучени во сфаќањето и употребата на законот во интерес на Сведоците и на нивните религиозни верувања. Судските одлуки, кои се основата за одбрана на правата на Сведоците за слобода на избор во лекувањето, претставуваат темел за многу интересна дискусија. За некои, работата на Одборот за контактирање со болници може да изгледа преобемна, па дури и непотребна; но, всушност, оваа мрежа на служби за поддршка е многу битна. Секој ден гледам пациенти Сведоци кои не се запознаени со болничкото милје и кои можеби не се свесни за многуте бескрвни медицински алтернативи. Освен тоа, малкумина можат да бидат вистински запознаени со сите лекари кои се спремни на соработка а кои му се познати на одборот или, пак, со конкретните законски права и одговорности што секој од нас ги има и со кои се соочуваме кога бараме бескрвно лекување.
Дозволете ми за момент да се оддалечам од темата и да ги пофалам напорите на HIS. Како интервентен кардиолог, увидувам дека имам малку време да ги прочитам многуте списанија кои се директно поврзани со мојата потесна стручност, а камоли оние од поширокиот опсег на интерната медицина. Невозможно би било низ сето тоа сено од медицинска литература да се бараат оние прирачници кои би можеле да истакнат некои многу специфични решенија за проблеми кои се среќаваат во бескрвното лекување на моите пациенти. Повторно, Друштвото ми притрчува на помош, давајќи ми магнет за да ја извадам иглата на соодветното истражување од таканареченото сено од новински статии.
Најновите информации, што постојано пристигнуваат од Бруклин, ми помагаат да бидам во тек со најновите настани кои би можеле да влијаат врз мојата пракса. Тие се далеку потемелни и посилни од кој и да било компјутерски индекс на медицински списанија со кој јас сум запознат. Се разбира, токму така треба да биде со оглед на тоа што во прашање се човечки животи“ (Напишал д-р Стивен Е. Поуп, кардиолог од областа Сан Франциско Беј, Калифорнија, САД).
[Рамка на страница 14]
• Во Соединетите Американски Држави, околу 18.000 лекари се спремни да соработуваат, давајќи им на Јеховините сведоци бескрвна медицинска нега. Во целиот свет има 50.000.
• Во Соединетите Држави има 45 медицински центри каде што се достапни бескрвни лекови и хируршки програми. Низ целиот свет има вкупно 80.