ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g95 8/7 стр. 22-24
  • Одложувањето — крадец на времето

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Одложувањето — крадец на времето
  • Разбудете се! 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Дали е тоа одложување?
  • Да се фати крадецот
  • Размислувај за последиците
  • Што можам да сторам?
  • Како да не ги одложувам работите?
    Младите прашуваат
  • Што ќе ни помогне да не одложуваме
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2022)
  • Не можеш да го заштедиш, па затоа добро користи го
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • 20 начини да добиеш повеќе време
    Разбудете се! 2010
Повеќе
Разбудете се! 1995
g95 8/7 стр. 22-24

Одложувањето — крадец на времето

„Одложувањето е крадец на времето“ — Едвард Јанг, околу 1742 година.

ЧЕКАЈ! Не прекинувај со читањето на оваа статија! Знаеш што би можело да се случи. Би можел да ја оставиш настрана и да речеш: „Интересна тема, но сега немам време да ја прочитам. Ќе го сторам тоа подоцна“. Сепак, тоа подоцна може да значи никогаш.

Не одложувај да прочиташ статија за одложувањето! Мери го времето! Веројатно ќе можеш да ја прочиташ за приближно пет минути. Тогаш ќе имаш прочитано 10 проценти од целово списание! Погледни во својот часовник и почни да го мериш времето токму сега. (Досега прочита веќе 5 проценти од статијава!)

Дали е тоа одложување?

Ако го оставаш за подоцна она што би можел и што би требало да го направиш сега — тогаш ти одложуваш. Со други зборови, го оставаш за утре она што можеш да го сториш сега, т.е. денес. Оној што одложува, ја одолговлекува работата кога е потребно таа да се изврши.

Надзорникот бара од вработениот да поднесе извештај; родителите бараат од своето дете да ја исчисти собата; сопругата бара од својот сопруг да ја поправи славината. Изјавите: „Бев премногу зафатен“, „Заборавив“ или „Немав време“, многумина ги користат како изговор што не нашле време за тоа. Но, вистината е дека малкумина од нас сакаат да подготвуваат извештаи, да чистат соби или да поправаат водоводна инсталација, кога постојат многу поугодни нешта што можат да се направат. Затоа ги оставаме таквите работи за подоцна, одложуваме да ги направиме.

Меѓутоа, дали си знаел дека во некои случаи, ако оставиме нешто за подоцна, всушност не одложуваме? Една деловна жена која добива некакво барање и не знае што да прави со него, го складира во една кутија со натпис „Привремено одложено“, која се наоѓа на нејзината работна маса. По неколку недели повторно ги разгледува тие предмети и утврдува дека за половината од нив не треба да стори ништо. Тие се решиле самите или повеќе не се потребни. Кога не си сигурен дали да оставиш нешто за другпат или да го решиш во моментот, обиди се да утврдиш што ќе се случи ако никогаш не го направиш она што го оставаш за подоцна. Дали исходот ќе биде подобар или, пак, полош ако го сториш тоа?

Ако е можно и потребно да преземеме нешто сега и ако одолговлекувањето на потребната постапка може подоцна да предизвика повеќе проблеми, тогаш таквото одолговлекување претставува одложување. На пример, ако се мијат чиниите откако отстојале некое време, тогаш ќе биде потешко да се истријат за да се исчистат. Ако се остава за другпат одржувањето на автомобилот, подоцна можат да произлезат скапи поправки. Ако сметките се плаќаат доцна, може да се појават поголеми трошоци или да бидат ускратени некои услуги. Една жена пресметала дека за неплатените белешки за сообраќајни прекршоци, за видеолентите и за книгите од библиотека, платила вкупно 46 долари казна поради задоцнување! А тоа било само за еден месец!

Да се фати крадецот

Сознај зошто одложуваш. Разгледај ги следниве причини и види дали можеш да откриеш некоја што се поклопува со некој сегашен план што не си го започнал или не си го завршил:

Навика:

Ако чекам до последната минута, ќе имам поголема мотивација да ја завршам работата.

Уживам во возбудата што ја доживувам кога го правам тоа во последен момент.

Ќе чекам сѐ додека шефот не ме потсети неколку пати, тогаш ќе знам дека тоа е нешто што тој навистина бара да се заврши.

Имам толку многу работа што само пресудните работи го заслужуваат моето внимание.

Став:

Немам желба ниту мотив да ја извршам доделената задача.

Се зафаќам со работите само тогаш кога сум расположен да ги направам.

Сакам да работам нешто друго.

Ми недостига самодисциплина.

Страв:

Не сум сигурен дека можам да го сторам тоа.

Немам доволно време да го сторам тоа.

Тоа е преголем потфат. Потребна ми е помош.

Што ако не успеам или не завршам?

Треба да соберам материјали за да го завршам тој проект.

Се плашам дека ќе бидам критизиран или посрамен.

Различни луѓе одложуваат во различни моменти. Некои одложуваат уште пред да започнат бидејќи сметаат дека потфатот е преголем. Други започнуваат, но отприлика на половина пат им се намалува воодушевувањето и го оставаат тоа за некое друго време. А трети, пак, речиси се на крај, но се зафаќаат со нешто друго, оставајќи го првото незавршено. (Патем речено, добро напредуваш, веќе си на половината од оваа статија.)

Причините поради кои не си започнал или не си довршил некоја работа, можеби спаѓаат во сите три категории. Во книгата The Now Habit (Сегашната навика), Нил Фјори напишал: „Трите главни проблеми кои се во основата на повеќето одложувања се: чувството дека си жртва, преоптовареноста и стравот од неуспех“. Кои и да се причините, ако можеш да ги утврдиш, ќе бидеш поблиску до решението.

Ако не си сигурен зошто одложуваш, направи попис на своите активности во текот на неделата, во интервали од половина час. Утврди како го трошиш времето. Тоа навистина може да ни ги отвори очите за да видиме колку многу време трошиме на релативно неважни работи помеѓу важните задачи. Но, што да се стори тогаш?

Размислувај за последиците

Да се очекува дека нешто ќе биде направено без да се вложи напор во тоа, може да создаде многу непријатно чувство. Со истекувањето на рокот, почнуваш да чувствуваш притисок и вознемиреност. Додека таквите чувства се зголемуваат, твојата творечка способност се намалува. Не си толку наклонет да одмеруваш и да разгледуваш различни начини на кои ќе ја исполниш целта туку првенствено си заинтересиран таа да биде постигната.

На пример: Дадена ти е задача да изнесеш некоја презентација. Вечерта пред тоа седнуваш за да запишеш неколку зборови на хартија. Не си потрошил доволно време за да истражуваш на таа тема, па затоа импровизираш. Можеби со само малку поголем напор би можел да вклучиш искуства, придружни информации или табели кои би ѝ помогнале на публиката да си го претстави тоа.

Друга последица која се појавува кога ја оставаме работата за некое друго време е неспособноста да се опуштиме кога имаме слободно време. Тоа е затоа што имаме чувство на јадосување (или како некој да нѐ присилува со тоа што нѐ потсетува) дека не сме ја довршиле работата.

Што можам да сторам?

Направи список. Стори го тоа една вечер порано. Запиши на лист кои работи ќе сакаш да ги направиш следниот ден. На тој начин нема да заборавиш ништо, а ќе го гледаш својот напредок додека ги прецртуваш завршените работи. На десната страна напиши колку време проценуваш дека ќе ти биде потребно за да ја извршиш таа задача. Ако правиш список ‚Да направам‘, кој важи за тој ден, изрази го тоа во минути, а ако правиш список за некој поголем проект, употреби часови. Направи го овој список една ноќ претходно. Одвој си неколку минути за да го подготвиш списокот за следниот ден. При рака имај календар. Кога добиваш задачи или налози, запишувај ги.

Кога ќе ги разгледуваш оние работи што треба да ги направиш следниот ден, подреди ги по приоритет според точките што ти се на календарот, ставајќи А, Б, В итн. сѐ додека не завршиш со секоја точка. Некои луѓе подобро работат наутро, други попладне или навечер. Распореди ги најголемите потфати за твоето најповолно време. Работите кои ти причинуваат помало задоволство, стави ги пред оние во кои посебно уживаш.

Дај си време. Ако секогаш доцниш, па дури и дословно трчаш поради тоа, научи се да си дадеш време. Тоа значи да направиш внимателна проценка на времето што ќе ти биде потребно за да извршиш некоја работа. Додај уште неколку минути повеќе, во случај на „пречки“ кои би можеле да се појават. Не заборавај да одвоиш малку време меѓу средбите. Не можеш да завршиш со еден состанок во 10.00 часот, а да бидеш на друг исто така во 10.00 часот, па дури и да е во соседната соба, а камоли во некој друг дел од градот. Остави доволно време помеѓу нив.

Ополномоштувај други. Честопати се обидуваме сѐ да сториме сами иако не е секогаш потребно. И некој друг ќе може да испрати пакет наместо нас, ако знаеме дека оди во пошта.

Поделувај ја работата. Понекогаш не започнуваме некој нов потфат поради неговиот обем. Зошто да не ги разделиме поголемите задачи на неколку помали? Кога ќе ги завршиме помалите задачи, ќе го видиме напредокот и ќе бидеме охрабрени да ја завршиме следната фаза.

Имај во вид дека ќе бидеш прекинуван. Во текот на нашиот работен ден секогаш има прекинувања — телефонски повици, посетители, проблеми, пошта. Сакаме да работиме ефективно, што значи да работиме со други луѓе кои исто така имаат рокови. Ако сме заинтересирани само за тоа да работиме ефективно, ќе се вознемириме кога другите ќе ги попречат нашите активности. Затоа, имај во вид дека ќе бидеш прекинуван. Секој ден давај си време за непредвиден развој на настаните. Кога ќе се случи такво нешто, ќе можеш да се погрижиш за него, знаејќи дека си допуштил малку време и за тоа.

Наградувај се. Кога го правиш својот распоред, планирај да ја извршуваш работата интензивно или сконцентрирано 90 минути. Не заборавај да испланираш време за подготовка на работата. Откако навистина си почнал да работиш и си работел час и половина, можеби ќе ти биде потребно да направиш кратка пауза. Ако работиш во канцеларија — паузирај, протегни се и размислувај за нешто. Ако работиш надвор — земи нешто за освежување. Награди се за својата работа (Проповедник 3:13).

Само помисли, ти ја заврши оваа статија за околу пет минути откако го прочита насловот. Можеби веќе се подобруваш!

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели