Мапи кои ги задоволуваат вашите потреби
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ДА СЕ снајдете во една непозната земја или град претставува предизвик. Како прво, морате да утврдите каде сте. Потоа, одлучете кој е најдобриот правец. Како можете да откриете? Потребна ви е географска мапа!
Мапи — Од кога и зошто?
Изработувањето мапи, или картографијата — како што се нарекува — има долга и бурна историја. Некои авторитети откриле дека изработувањето мапи оди 4.300 години наназад сѐ до мапите изгравирани на глинени плочи во Вавилон. Но раните Грци кои цртале табели биле претходници на мапите. По мапите од древниот свет што ги цртал Клаудиј Птолеми во вториот век н. е., картографијата изгубила на квалитет во средниот век. Неиспитаните подрачја се прикажувале како области на чудовишта и џинови. Религијата извршила толку силно влијание врз мапите што многу од нив прикажувале свет со кој владеела градината Едем. Ерусалим и Средниот Исток почнале да се појавуваат на горниот дел од мапите на светот кој до тогаш бил познат.
Раните мапи на Британија исто така одразувале црковно влијание. Една таква мапа го зацртува патот по кој оделе аџиите до религиозните светилишта во Англија. Детално прикажувајќи го „Главниот северен пат на аџиите“, оваа карта го означувала патот од северниот град Дарам сѐ до јужното крајбрежно пристаниште Довер.
Татко на современата картографија е Герардус Меркатор (1512-1594). Тој измислил еден метод на проектирање на мапи кој е прочуен меѓу навигаторите по својата точност, а многу мапи кои се нацртани според Меркаторовата проекција се појавуваат во современите атласи.
Мапите станале благодет за земјопоседниците. Забелешките на нивните јасно зацртани гранични линии помогнале да се решаваат правните спорови. Владата станала сѐ позаинтересирана за мапите затоа што одредувањето на данокот зависело од точно запишаното право на поседување на земја.
Мапите денес ги задоволуваат секојдневните потреби. Атласите им помагаат на учениците да ги сфатат елементарните работи од географијата. Табелите им овозможуваат на метеоролозите графички да прикажат какви временски услови очекуваат. Мапата може да ни помогне на најдобар можен начин да го искористиме јавниот превоз. За излет со семејството, мапата може да покаже кој пат е најживописен.
Стручњаците исто така не се занемарени. За градските урбанисти постојат карти за густината на населението. Мапите за морското дно им помагаат на оние кои бараат насукани бродови или минерални ресурси. Археолошките мапи се од помош на оние кои го раскопуваат минатото. Замислете си, за истражувачите на вселената постојат дури и мапи за месечината и за некои планети! Со такво богатство на информации кои се достапни во мапите ќе биде за вас корисно ако ја развиете и подобрите вашата вештина да ги читате.
Како да се чита мапата
Користењето на мапите колку што е можно подобро, може да се спореди со учењето на странски јазик. Кога учите друг јазик, соочени сте со нов вокабулар и со поинаква граматика. Во јазикот на мапите, симболите можат да се споредат со зборовите, додека размерните контури и картографските мрежи со граматиката. Повеќето мапи се цртаат со рамка која содржи клуч за симболите што се користат на неа. Таа служи како речник кој ги одредува знаците.
Симболите се внимателно избрани за да го пренесат своето значење. На пример, за да пронајдете светилник, барајте симбол кој личи на светилник. Црквите и џамиите можат да бидат означени со црни коцки или кругови на кои има крст или полумесечина.
Како да се запознаете со значењето на таквите симболи? Џон Вилсон, автор на делото Follow the Map (Следи ја мапата), ја препорачува „пријатната забава на ‚прелистување на мапи‘“. Тој додава: „Вашето око површински нека шета по мапата, а симболите преведувајте ги како што ќе ги среќавате“.
Дали увидувате дека вашата околина изгледа доста поинаква од онаа што ви ја покажува мапата? Зошто е тоа така? Затоа што обично околината ја гледаме од нашата висина, 1,5-1,8 метри од земјата. Но мапите ја покажуваат земјата од висина, вертикално далеку над секоја точка. За да го сфатите овој поим, важно е да ја разберете граматиката на мапите.
Размер, висина и положба
За изработувачот на мапи претставува предизвик да ги запише варијациите во надморската височина и секакви карактеристики на почвата што ги направил човекот. Сето тоа мора да биде отпечатено на лист во величина со која лесно може да се ракува. За да се постигне тоа, мапите се цртаат во размери. Една популарна британска серија на мапи ја покажува земјата со размер од 1:50.000 — што значи дека секој сантиметар на мапата претставува 50.000 сантиметри од Земјината површина.
Но, како може една рамна мапа да покаже варијации во висината? Накосеното осенчување на ридовите е еден начин да се додаде третата димензија. Сонцето изгледа како да свети од положба над левиот горен агол на мапата. Поради тоа што се во сенка, падините кои се свртени спрема исток и југоисток, се цртаат со потемни бои. Современите мапи често пати имаат контурни линии кои ги поврзуваат точките кои се со просечна надморска височина. Печатењето на овие знаци во пригушени бои спречува другите карактеристики на мапата да останат незабележани.
Многу мапи користат систем на вкрстени линии за да ви помогнат јасно да ја одредите вашата положба. Оваа мрежа, како што се нарекува, дозволува секоја локација да се даде како серија од алфабетски или нумерични координати кои го утврдуваат местото во рамките на мрежата од линии. На пример, еден град може да биде лоциран на Г-13, односно Г на вертикалната страна, а бројот 13 на хоризонталната. Ќе го најдете градот таму каде што се среќаваат тие две точки. Меѓутоа, како да бидете сигурни дека вашата мапа ќе ви даде точна слика?
Мапи во компјутерската ера
Воените потреби често пати довеле до издавање на многу прецизни мапи. Во текот на изминатите 40 години, прецизната изработка на мапи со помош на стереоскопски споредби на воздушни фотографии, станало реалност и многу земји следат слични методи.
Веќе постојат компјутеризирани подвижни дисплеи во некои автомобили, како и детализирани прометни мапи за домашни компјутери. „Микрочиповите го преземаат воланот“, гласел еден наслов во The Observer. Извештајот објаснил еден експериментален проект кој користи компјутерски дискети каде што податоците од мапа се поврзани со говорни синтисајзери. Возачот едноставно ќе го испише во компјутерот името на своето одредиште. Не мора да се грижите заради оние збунувачки сообраќајни раскрсници! Зошто? Затоа што кога автомобилот ќе дојде до која и да било раскрсница, еден глас му кажува на возачот по кој правец треба да оди. Сензорите на компасот и на тркалата го забележуваат правецот на автомобилот. Поновите достигнувања се уште подоверливи и поедноставни.
Што ќе значи тоа за иднината на мапите? Дали хартиените мапи ќе станат колекционерски предмети? Времето ќе покаже. Во секој случај, мапата и понатаму ќе биде сестрано средство кое ќе ги задоволува потребите за вашите патувања.
[Карта/слики на страница 25]
Многу мапи имаат клуч или легенда за одредување на симболите кои се употребени
Варијациите во висината се покажуваат преку контурни линии, обично со пригушени бои
Системот на мрежа овозможува да се прикаже местото на мапата
Мапата обично покажува колку еден инч или еден сантиметар на мапата одговара на Земјината површина (не е овде прикажано)
Размерот од милји или од километри ви овозможува да ги измерите растојанијата меѓу местата
[Извор на слика]
Crown Copyright Reserved
[Извор на слика на страница 24]
Од книгата Die Heiligkeit der Gesellschaft Jesu