Продирање во мистериите на селидбата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ПОСТОИ една стара песна која зборува за враќањето на ластовиците во старата мисија Сан Хуан Капистрано во градот Сан Хуан Капистрано (Калифорнија, САД). Се вели дека, без исклучок, секоја година на 19 март тие се враќаат таму во своите гнезда.
Европските ластовици следат сличен распоред. Една шпанска поговорка предвидува дека до 15 март уште еднаш ќе се чуе песната на ластовиците.
Во северната хемисфера, селските жители секогаш го поздравувале враќањето на ластовицата, традиционален предвесник на пролетта. Но некои љубопитни луѓе се прашувале каде биле тие за време на зимскиот период. Некои мислеле дека хибернирале. Други претпоставувале дека отишле на месечината — некој дури пресметал дека можеле да одлетаат таму за два месеца. Еден шведски надбискуп, кој живеел во XVI век, тврдел дека ластовиците ја поминувале зимата под вода, притиснати едни до други на дното од езерата и мочуриштата. Неговиот извештај дури содржел една илустрација која прикажувала рибари како влечат мрежа полна со ластовици. Колку и да изгледаат чудни сега овие идеи, вистината е скоро исто толку чудна колку и измислицата.
Во текот на ова столетие, орнитолозите прстенувале илјади ластовици. Еден мал, но значаен процент од овие прстенувани птици, биле лоцирани во нивните зимски живеалишта. Колку и да се чини неверојатно, ластовици од Британија и од Русија биле пронајдени како зимуваат заедно илјади километри далеку од дома — во најоддалечениот југоисточен врв на Африка. Некои од нивните северноамерикански двојници летаат толку далеку на југ дури до Аргентина или Чиле. Ластовиците не се единствените птици што преземаат такви јуначки патувања. Стотици милиони птици од северната хемисфера зимуваат во јужната хемисфера.
Орнитолозите биле зачудени кога откриле дека една мала птица, како што е ластовицата, може да направи едно кружно патување од 22.500 километри пред да се врати во истото гнездо следната пролет. Сознанието каде отишле ластовиците, покренало само уште позбунувачки прашања.
„Ластовичке, зошто си го напушташ гнездото?“
Што тера една птица да патува на другата страна од Земјината топка? Или, како што вели една шпанска поговорка: „Ластовичке, зошто си го напушташ гнездото?“ Дали е тоа поради студот или за да најде храна? Без сомнение, одговорот е нивната потреба од сигурна залиха со храна, а не почетокот на зимското време, бидејќи голем број мали птици кои имаат тешкотии да преживеат студени зими не се преселуваат. Но селењето на птиците не е само патешествие во потрага по храна. За разлика од човечките мигранти, птиците не чекаат времињата да бидат лоши за да се преселат.
Научниците откриле дека пократкиот ден е тоа што го предизвикува нагонот за преселување. Заробените птици стануваат немирни кога ќе се намали дневната светлина на есен. Тоа е случај дури и кога овој ефект ќе се постигне по вештачки пат и кога птиците се одгледувани од истражувачи. Птицата која е затворена во кафез се свртува дури во правецот за кој инстинктивно знае дека треба да одлета во текот на селидбениот лет. Очигледно, нагонот за преселување во одредено време од годината и во одреден правец е вроден.
Како птиците успешно се ориентираат на огромните растојанија? Многу се селат преку безлични океани и пустини, правејќи го тоа и дење и ноќе. Кај некои видови, младите птици патуваат сами без помош на искусните возрасни. На некаков начин, тие остануваат на својот пат и покрај бурите или страничните ветрови.
Навигацијата — особено преку пространи океани или пустини — во никој случај не е лесна. На човекот му требале илјади години да го совлада тоа. Без сомнение, Кристифор Колумбо никогаш не би се осмелил да оди толку далеку преку океанот без навигационите помошни средства како што се астролабот и магнетниот компас.a И покрај тоа, кон крајот на неговото прво патување, токму птиците биле тие кои му го покажале патот до Бахамските острови. Следејќи го обичајот на древните морепловци, тој го променил својот курс спрема југозапад кога здогледал копнени птици преселници кои летале во таа насока.
Успешната навигација изискува систем за одржување на стабилен курс, а исто така и средства за одредување на положбата. Едноставно кажано, морате да знаете каде сте во однос на вашето одредиште и по која насока да одите за да стигнете дотаму. Ние луѓето не сме опремени да обавуваме таква задача доколку не поседуваме алати — но очигледно птиците се. Научниците стрпливо составиле податоци кои ни осветлуваат како птиците ја одредуваат исправната насока во која треба да летаат.
Некои од одговорите
Гулабите писмоносци се одбрани „заморчиња“ за научниците кои одлучиле да ги одгатнат мистериите на навигацијата на птиците. На долготрпеливите гулаби им ставале „наочари“ со матни стакла за да не можат да видат одредени патокази. Други биле опремени со магнетни ранци за да не го користат Земјиното магнетно поле како водич. Некои дури биле дрогирани додека патувале до местото на нивното пуштање, за да се осигури дека не постои начин да го знаат патот по кој дошле. Снаодливите гулаби ја совладале секоја поединечна препрека, иако комбинација од одредени препреки спречила успешно да се вратат дома. Очигледно, птиците не се зависни само од еден навигационен систем. Кои други методи ги користат?
Експериментите со вештачки сонца или ноќни небеса покажуваат дека преку ден птиците можат да се водат по сонцето, а ноќе по ѕвездите. Но, што ако небото е облачно? Птиците исто така можат да го одредат патот, користејќи го Земјиното магнетно поле, а тоа е исто како да имаат вграден компас. Со цел да се вратат во истото гнездо или на истиот покрив, мораат да бидат во состојба да препознаваат и познати патокази. Освен тоа, истражувачите откриле дека птиците се поосетливи на звуци и на мириси во споредба со луѓето — иако не знаат до кој степен таа способност се користи во навигацијата.
Мистеријата на „птичјата мапа“
Иако сето ова истражување помогнало многу во утврдувањето како можат птиците да летаат во одредена насока, сепак сѐ уште останува еден збунувачки проблем. Едно е да имате доверлив компас, но за да стигнете дома, потребна ви е и мапа — прво за да одредите каде сте, а потоа да го зацртате најдобриот пат.
Какви „птичји мапи“ користат птиците? Од каде знаат каде се кога се наоѓаат на непознато место стотици километри далеку од дома? Како го утврдуваат најдобриот пат, кога по сѐ изгледа дека немаат никакви мапи или патокази кои би ги воделе?
Биологот Џејмс Л. Гулд вели дека птичјиот „осет за мапи најверојатно ќе го задржи својот статус како најнесфатливата и најзанимливата мистерија во однесувањето на животните“.
Умот зад мистеријата
Сосема е јасно дека селидбата е инстинктивно однесување. Многу видови птици генетски се програмирани да се селат во одредено време од годината и тие се родени со вештините и со сетилата кои им се потребни за успешна навигација. Од каде дошла таа инстинктивна способност?
Разумно е дека оваа инстинктивна мудрост можела да дојде само од мудар Творец, кој можел да го „програмира“ генетскиот код на птиците. Бог со право го запрашал патријархот Јов: „Дали соколот од тебе учи како да лета кога ги раширува своите крилја спрема југ?“ (Јов 39:26, Today’s English Version).
По сто години интензивно истражување во областа на селидбата на птиците, научниците почнале да ги почитуваат нивните ситни мозоци. Откако ги утврдиле главните патишта за селење, научниците можат само да се чудат на неверојатните растојанија што некои птици ги поминуваат. Генерација по генерација, на пролет и на есен, милиони птици преселници ја прелетуваат Земјината топка. Дење се водат по сонцето, а ноќе по ѕвездите. Кога е облачно, го користат Земјиното магнетно поле и брзо учат да ги препознаваат познатите пејсажи. Можно е да се ориентираат дури и по мирис и по инфразвучни бранови.
На кој начин своите патувања ги „зацртуваат во мапи“, останува мистерија. Знаеме каде одат сите ластовици, но не знаеме како стигнуваат дотаму. Сепак, кога на есен ќе видиме како ластовиците се собираат во јата, можеме само да застанеме и да се восхитуваме на мудроста на Бог кој ја овозможил нивната селидба.
[Фуснота]
a Астролаботот се користел за пресметување на географската ширина.
[Рамка на страница 18]
Птици преселници — светски шампиони
Растојание. Во текот на летото 1966, на северната хемисфера една арктичка чигра била прстенувана во Северен Велс (Велика Британија). Истата година во декември, таа се појавила — прилично соодветно — во Нов Јужен Велс (Австралија). Прелетала преку 18.000 километри за шест месеци. Таквиот подвиг веројатно е скоро нормален за арктичката чигра. Во текот на една година, некои од тие птици редовно ја прелетуваат Земјината топка.
Брзина. Американските златни блатарчиња можеби се најбрзите преселници. Некои од тие птици го прелетале океанот што ги одвојува Хаваи од Алеутските острови (Алјаска), со растојание од 3.200 километри, за само 35 часа — со просечна брзина од 91 километар на час!
Издржливост. Црноглавите сипки од Северна Америка, кои тежат само 20 грама, се најголемите маратонски летачи. На нивното патување до Јужна Америка, летаат без прекин 3.700 километри преку Атлантикот за само три и пол дена. Овој извонреден тест на издржливост е спореден со човек кој без прекин трча еден километар за четири минути и тоа 1.900 пати. Летот исто така претставува сон на човек кој пази на својата тежина — сипката согорува скоро половина од својата телесна тежина.
Точност. Освен ластовицата, и штркот (покажан горе) е на добар глас по својата точност. Пророкот Еремија го опишал штркот како птица која „ги знае своите определени времиња“ и своето време ‚за враќање‘ (Јеремија 8:7). Скоро половина милион штркови сѐ уште поминуваат низ Израел секоја пролет.
Навигациони вештини. За црноклунестиот бурогласник од островот Ман нема подобро место од дома. Една женка од оваа птица која била земена од нејзиното гнездо во Велика Британија, била пуштена во Бостон (САД), на околу 5.000 километри оддалеченост. Таа го прелетала Атлантикот за 12 и пол дена и стигнала дома пред да стигне авионското писмо со детали за нејзиното пуштање. Подвигот беше уште позачудувачки поради тоа што овие птици никогаш не го поминуваат Северниот Атлантик на нивните селидбени патувања.
[Слика на страница 16]
Секоја година штркот се враќа точно во своето гнездо
[Слика на страница 17]
Селидба на жерави во типична V-форма
[Извор на слика на страница 15]
Фотографија: Caja Salamanca y Soria